„ГРИПОТ НЀ ЧЕКА, ЗАШТИТЕТЕ СЕ НАВРЕМЕ“ Министерот се вакцинираше и ги повика граѓаните да го следат

Само во првиот ден од започнувањето на процесот, биле вакцинирани 2.000 граѓани, а вакцинацијата се спроведува на 35 вакцинални пункта низ државата, од кои пет се лоцирани во Скопје.

739

Вакцинацијата против сезонски грип во земјава започна на 16 октомври, а интересот кај граѓаните постојано расте. Според податоците од Министерството за здравство, околу 49 илјади граѓани веќе се пријавиле за вакцина преку апликацијата vakcinacija.mk, додека набавени се 80.000 дози четиривалентна вакцина од холандскиот производител „Абот“.

Само во првиот ден од започнувањето на процесот, биле вакцинирани 2.000 граѓани, а вакцинацијата се спроведува на 35 вакцинални пункта низ државата, од кои пет се лоцирани во Скопје.






Министерот за здравство Азир Алиу денеска се вакцинираше против сезонски грип на Одделението за епидемиологија во Гостивар, каде што упати апел до граѓаните да го следат неговиот пример и навремено да се заштитат од вирусот.

– Денес сум во мојот роден Гостивар, каде се вакцинирав и преку личен пример сакам да ја истакнам важноста од навремената вакцинација, како најефикасна превентивна мерка за заштита на здравјето. Апелирам граѓаните навреме да се заштитат од сезонскиот грип, посебно ги повикувам лицата, кои спаѓаат во ризични групи население да се пријават преку апликацијата vakcinacija.mk и кај својот матичен лекар – изјави министерот Алиу.

Тој потсети дека вакцинацијата е бесплатна за сите ризични категории на население, меѓу кои се:

– лица над 65 години,

– лица со хронични заболувања,

– здравствени работници,

– бремени жени,

– деца од 6 месеци до 5 години,

– како и лицата сместени во установи за социјална заштита и нивните вработени.

Со оваа кампања, Министерството за здравство повторно ја потенцира превентивната улога на вакцинацијата, која, според Алиу, претставува најсигурна заштита од сериозни компликации предизвикани од сезонскиот грип.

Поврзани содржини