ТОПКАТА Е ВО ВАШИОТ ДВОР, НАПИША ФОН ДЕР ЛАЈЕН ПО СРЕДБАТА СО МИЦКОСКИ Уставните измени се последниот чекор, уверува претседателката на Европската комисија
Вашиот следен и единствен чекор пред отворањето на преговорите е јасен, а тоа е да ги направите уставните измени. Топката е во Вашиот двор. ЕУ е подготвена, напиша кусо претседателката на Европската комисија по средбата со премиерот Христијан Мицкоски во Владата.
„Целосно стоиме зад Северна Македонија на нејзиниот пат кон ЕУ. Може да сметате на нас. Вашиот следен и единствен чекор пред отворањето на преговорите е јасен, а тоа е да ги направите уставните измени. Топката е во Вашиот двор. ЕУ е подготвена“.
Вака напиша на социјалната мрежа Икс претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен, по средбата во Владата со премиерот Христијан Мицкоски.
Во меѓувреме, како што напиша претседателката на Европската комисија, ЕУ продолжува со приближувањето на земјава кон Брисел преку Планот за раст.
Таа уште еднаш ја потврди најавата дека во Скопје се отвора фабрика за вештачка интелигенција, дека Македонија се вклучува во Единствената платежна зона на Европа, како и дека Македонија од ЕУ добива 16 милиони евра, благодарение на направените реформи.
„Во меѓувреме, ја приближуваме вашата земја до нас. За тоа се работи во Планот за раст! Отвораме антена за фабрика за вештачка интелигенција во Скопје. Ве вклучуваме во Единствената платежна зона на Европа. И исплаќаме 16 милиони евра благодарение на реформите што ги направивте“.
In the meantime, we’re moving your country closer to us.
That’s what the Growth Plan is all about!
We’re opening an AI Factory antenna in Skopje.
We’re including you in Europe’s Single Payment Area.
And we’re disbursing 16 million euros thanks to the reforms you have made. pic.twitter.com/YhpaV89vtZ
— Ursula von der Leyen (@vonderleyen) October 15, 2025
Претходно, како што соопшти владината прес-служба, премиерот Мицкоски на средбата со Фон дер Лајен, истакнал дека државата очекува од Европската Унија јасна и конкретна посветеност, како потврда на европската перспектива и поддршка за граѓаните кои со децении остануваат посветени на европските вредности.
На средбата се разговарало за европската перспектива, напредокот на реформските процеси, економската соработка, енергетската безбедност и дигиталната трансформација. Премиерот Мицкоски ја истакнал решеноста на Владата да ја забрза евроинтеграцијата на државата преку конкретни резултати и исполнување на европските стандарди.
Претседателката на ЕК Фон дер Лајен завчера од Тирана ја почна својата тридневна турнеја низ земјите од регионот на Западниот Балкан, во чии рамки денеска допатува во Скопје. За време на престојот во Скопје Фон дер Лајен оствари средби и со македонската претседателка Гордана Сиљановска-Давкова и со претседателот на Собранието, Африм Гаши.