БУЏЕТОТ ВО КОЛАПС, КАПИТАЛНИТЕ ИНВЕСТИЦИИ НА ИСТОРИСКИ НАЈНИСКО НИВО Државата должи 700 милиони евра на фирмите, вели Филипче од СДСМ

Овие бројки покажуваат дека Владата нема капацитет да ги реализира ниту сопствените планови и проекти. Пари што требало да донесат развој и нови вработувања остануваат неискористени – рече лидерот на СДСМ.

243

Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, денеска на прес-конференција изнесе сериозни предупредувања за економската состојба во државата, обвинувајќи ја владата на Христијан Мицкоски за рекордно ниска реализација на капиталните инвестиции, раст на долгот и создавање буџетска дупка од 1,4 милијарди евра до крајот на годината.

Филипче истакна дека реализацијата на капиталните инвестиции до крајот на септември изнесува само 43,78 проценти или околу 20,7 милијарди денари. Тој предупреди дека до крајот на годината ќе биде реализирано најмногу 55 проценти од планираните средства, што, според него, значи уште една „изгубена година“ за економски развој и нови работни места.






– Овие бројки покажуваат дека Владата нема капацитет да ги реализира ниту сопствените планови и проекти. Пари што требало да донесат развој и нови вработувања остануваат неискористени – рече Филипче.

Според него, буџетската рамка покажува дека до денес се реализирани само 70,78 проценти од приходите, додека расходите достигнале 72,82 проценти. Тоа, рече тој, значи дека до крајот на 2025 година ќе недостигаат околу 1,4 милијарди евра за покривање на трошоците, што, според него, ќе доведе до ново задолжување или кратење на јавни услуги.

Филипче дополнително посочи на скриениот долг од 700 милиони евра неплатени обврски кон фирмите, на што веќе предупредувал Фискалниот совет. „Овој скриен долг директно ја уништува ликвидноста на македонските компании и ја задушува економијата,“ нагласи тој.

Тој потсети дека, според Светската банка, јавниот долг ќе порасне на 62,9 проценти од БДП, што ја прави Северна Македонија најзадолжена земја во регионот и единствена каде што долгот е повисок од предпандемискиот пик. „Во време кога премиерот Мицкоски зборува за економски успеси, должност ми е да ја кажам вистината – состојбата е алармантна,“ рече Филипче.

Поврзани содржини