МЛАДИТЕ ДВОЈКИ ЌЕ БИДАТ ОСЛОБОДЕНИ ОД КОМУНАЛИИ ЗА ИЗГРАДБА НА КУЌА Дигитализацијата на Скопје ќе биде најголемата реформа
Младите брачни парови до 40 години, без друг имот, ќе добијат до 100 проценти ослободување од комуналии при изградба на куќа за домување. За општините што веќе донеле ваква одлука, како Кисела Вода, ослободувањето ќе изнесува 100 отсто, а за останатите општини - 60 проценти, односно за делот што му припаѓа на Градот Скопје, најави кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ за градоначалник на Скопје, Орце Ѓорѓиевски.
Скопје целосно ќе се трансформира, ќе биде првиот „paper-free“ град во Макеоднија, благодарение на дигитализацијата, што е еден од седумте столбови на програмата, најави денеска кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ за градоначалник на Скопје, Орце Ѓорѓиевски.
– Со 17 проекти од оваа област Скопје ќе стане првиот целосно „paper-free“ град во државата, дигитален, модерен и транспарентен. Дигиталната трансформација ќе се изврши во три клучни сегменти – комплетна внатрешна дигитализација на сите процеси и процедури, креирање на дигитални услуги и сервиси за граѓаните и за бизнис-заедницата и комплетна дигитализација на Советот на Град Скопје и на јавните претпријатија, со што градот ја почнува најголемата административна реформа досега – рече Ѓорѓиевски.
Програмата опфаќа внатрешна дигитализација на сите административни процеси, креирање дигитални услуги за граѓаните и за бизнисите, дигитализација на Советот на Град Скопје и на јавните претпријатија, формирање „Смарт центар“ за координација на дигиталните проекти, воведување на ЕРП и документ-менаџмент системи, проект „Дигитален близнак на Скопје“ за интелигентно урбано планирање, е-даноци, е-адреса и е-извод од ГУП за брзи и сигурни услуги, картичка „Skopje city go“ за интегрирани градски услуги и „ВИ Скопје“ за оптимизација на сообраќајот и на јавните ресурси.
– Практичната имплементација на „Визијата за урбан развој на Скопје 2025-2045“, ќе се реализира преку проектот „Дигитален близнак на Скопје“, со што ќе се создаде дигитална реплика на градот, со интеграција на просторни податоци, сензори и на документи. Овој систем ќе овозможи интелигентно урбано планирање, поефикасно управување со инфраструктурата, климатска отпорност и брз одговор при непогоди – појасни Ѓорѓиевски.
Покрај дигитализацијата на Градот тој најави и комплетна дигитализација на Советот на Град Скопје и на јавните претпријатија, кои ќе работат транспарентно и дигитално преку електронски седници на Советот и на состаноците на Управните одбори, со електронски пристап до материјалите, гласањето и дискусијата и со јавна достапност на записниците.
Во врска со вториот столб од својата програма, кој се однесува на младите, Ѓорѓиевски рече дека сака да изгради град кој ќе им понуди шанса, простор и поддршка на младите да растат и да создаваат во Скопје. Една од мерките за младите е ослободување од комуналии за млади брачни парови до 40 години.
– Младите брачни парови до 40 години, без друг имот, ќе добијат до 100 проценти ослободување од комуналии при изградба на куќа за домување. За општините што веќе донеле ваква одлука, како Кисела Вода, ослободувањето ќе изнесува 100 отсто, а за останатите општини – 60 проценти, односно за делот што му припаѓа на Градот Скопје – истакна Ѓорѓиевски.
Меѓу мерките што ги најави се и младинска квота за вработување, односно обврска за средни и големи компании да ангажираат најмалку еден млад вработен до 25 години на секои 20 постојни, како и Младински центар за кариера – платформа за менторство, обука и поврзување со работодавачи. Ќе има поддршка за млади занаетчии преку субвенции за опрема, стипендии и за практикантства преку кампањата „Учи занает, гради иднина“. Ќе се формираат „Disco zone“ како специјализирани зони за ноќен живот надвор од центарот, со цел намалување на метежот и на бучавата.
Ѓорѓиевски најави и дигитални станбени хабови како простори за ко-креација, иновации, зелени зони поврзани со јавен транспорт, проект „Паметно семејство“ преку станбени зони за млади брачни парови и повратници од странство и проект „Паметен пазар на недвижности“ со јавна платформа со информации за достапни станови и деловен простор.
– Кога младите остануваат и напредуваат во својот град, дигиталните услуги добиваат вистинска вредност, тие стануваат алатка за реални шанси, за транспарентност и чесност, за иднината на главниот град – порача Ѓорѓиевски.