СВЕТСКИТЕ ЛИДЕРИ В ПОНЕДЕЛНИК ВО ШАРМ ЕЛ ШЕИК Големи се очекувањата за мирот, додека камионите со помош се трупаат во Рафа

На самитот ќе се разговара не само за моменталниот прекин на огнот, туку и за идната структура на управување со Газа, што останува најчувствително прашање во регионот.

330

Повеќе од 20 свестки лидери се очекува да присуствуваат во египетскиот град Шарм Ел Шеик на потпишувањето на првата фаза од мировниот план во Газа, според планот на американскиот претседател Доналд Трамп. Копјата околу договорот на Трамп ќе се кршат на Црвеното Море. Се смета дека ова е најзначајниот самит за Блискиот Исток во последната деценија.

Додека колони камиони со хуманитарна помош чекаат преку Египет да влезат во јужниот дел на Газа, неколку светски лидери веќе го потврдија присуството. На Трамп ќе му се приклучат британскиот премиер, францускиот претседател, а владите на Италија и на Шпанија исто така потврдиле дека нивните премиери ќе присуствуваатт.






Египетскиот претседател Абдел Фатах ел-Сиси ќе биде ко-домаќин на настаот заедно со Трамп, кој, покрај тоа што лично ќе го потпише мировниот план, планира и да го посети Израел .

– Имаме многу лидери од целиот свет што доаѓаат. Сите се поканети – изјави Трамп во петокот, 10 октомври, од Белата куќа, инсистирајќи дека ова е „вистинска шанса за траен мир“.

На самитот ќе се разговара не само за моменталниот прекин на огнот, туку и за идната структура на управување со Газа, што останува најчувствително прашање во регионот.

Заложници за затвореници, од Реим директно во болница

Според договорот, Хамас има рок до 12:00 часот по локално време да ги ослободи сите живи израелски заложници. Се верува дека сè уште се живи 20 лица. За возврат, Израел треба да ослободи околу 1.700 лица приведени во Газа и уште 250 палестински затвореници. Израелските медиуми објавија дека Гал Хирш, координаторот за заложници на израелската влада, веќе ги информирал семејствата за претстојната размена. Во писмо им било соопштено дека „меѓународната оперативна група ќе започне веднаш да трага по останките на сите кои не ќе се вратат живи до пладне“.

Израелската армија соопшти дека протоколот за ослободување ќе биде ист како во претходните разменски операции. Меѓународниот комитет на Црвениот крст ќе ги преземе заложниците и ќе ги предаде на специјална израелска воена единица. Таа ќе ги однесе до базата Реим, каде семејствата ќе чекаат. Во случаи на потреба, лицата веднаш ќе бидат пренесени во болница со хеликоптер.

Славје во Тел Авив, овации за зетот на Трамп и за Виткоф 

Сцените од Тел Авив нудат нова емоција. Илјадници луѓе повторно се собрале на Плоштадот на заложници пред воената команда Кирја. Толпата овации упатила кон Стив Виткоф, специјалниот пратеник на Трамп, и неговиот зет, Џаред Кушнер.

Работиме со целото срце да вратиме сè што остана од болката – нагласил Виткоф.

Семејствата на 48-те заложници кои сè уште се во Газа синоќа се сртенаа со специјалниот пратеник на американскиот претседател Доналд Трамп, Стив Виткоф, и ќерката и зетот на Трамп, Иванка Трамп и Џеред Кушнер, и им се заблагодарија „за нивната клучна улога во обезбедувањето на историскиот договор за враќање на нивните најблиски дома“, се вели во соопштението на Форумот на семејствата на заложниците и исчезнатите лица.

Виткоф и Кушнер одиграа значајни улоги во посредувањето за договорот за примирје, од една страна, убедујваќи го израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, но истовремено преговарајќи во Шарм Ел Шеик. Се смета дека нивниот „омекнет тон“ ги разубедил и двете страни да се согласат со планот за мир на Трамп од 20 точки.

Од помош до хаос на преминот Рафа

Наутро во саботата, 11 октомври, граничниот премин Рафа, меѓу Египет и Израел, се претворил во импровизирана паркинг зона. Долги колони камиони со хуманитарна помош чекале да влезат во јужниот дел на Појасот Газа. И покрај најавите за прекин на огнот и отворање на хуманитарен коридор, помошта се движела бавно. Според Ројтерс, над 150 камиони биле подготвени за влез, но реалниот број што влегувал дневно бил далеку понизок отколку што се очекувало.

– Засега нема значаен пораст на помошта – изјавиле од организацијата за Би-Би-Си.

И додека светските лидери се подготвуваат за разговори, теренот во Газа се загрева. Според напис на Би-Би-Си, милитантната група Хамас ги повикува назад своите борци и се обидува да ја зацврсти контролата врз територијата. Тоа, според некои аналитичари, може да предизвика внатрешни пресметки меѓу фракциите во групата.

Каде се наоѓа Шарм Ел Шеик?

Градот Шарм ел Шеик, каде што треба да се одржи самитот, се наоѓа на јужниот крај на Синајскиот Полуостров во Египет, точно помеѓу Црвеното Море и планината Синај. Сместен е на брегот на заливот Акаба и е познат како луксузна туристичка дестинација, но и како важна локација за дипломатски самити и меѓународни конференции.

Тоа е еден од најбезбедните и најконтролирани региони во Египет, често домаќин на мировни преговори поради својата географска изолираност и стратешка позиција.

Поврзани содржини