СДСМ БАРА ПОСТРОГИ МЕРКИ ЗА ДИРЕКТОРОТ ФАТЕН СО „БЕЛО“ Не е доволно разрешување, мора истрага и одземање на лиценца, велат од опозицијата

Од партијата бараат сите надлежни институции веднаш да го повикаат на распит и да ги преиспитаат сите тендери, финансиски трансакции и кадровски именувања во времето кога раководел со установата.

3,049

По скандалот со директорот на Клиниката за неврологија, кој беше снимен како консумира дрога, од СДСМ бараат покренување кривична постапка и целосна истрага за неговото работење.

– Ова не е обичен скандал, туку мега афера на власта. Не е доволно само повлекување и разрешување, мора да има кривична одговорност и темелна истрага на целокупната негова работа, бидејќи се работи за здравјето на луѓето – изјави Елена Радеска од Комисијата за здравство на СДСМ.






Според Радеска, ако лице што управува со здравствена установа користело дрога, тоа отвора сериозни прашања за неговите одлуки како директор, за безбедноста на пациентите и функционирањето на целата клиника.

Од партијата бараат сите надлежни институции веднаш да го повикаат на распит и да ги преиспитаат сите тендери, финансиски трансакции и кадровски именувања во времето кога раководел со установата.

– Особено е загрижувачко што и Државниот завод за ревизија веќе утврди неправилности во клиничките испитувања и процедурите. Ќе инсистираме на одговорност, без разлика кој е и колку е близок со Христијан Мицкоски – порача Радеска.

Од СДСМ велат дека Министерството за здравство мора да побара од Лекарската комора привремено одземање на лиценцата на директорот додека трае истрагата.

– Не може човек кој користи дрога да се занимава со здравјето на луѓето. Ова е срамно и тажно. Додека во здравството нема лекови, нема операции, и граѓаните не можат да добијат основна здравствена услуга, директорите поставени од ДПМНЕ се дрогираат – велат од СДСМ.

Радеска го обвини лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, дека молчи за случајот.

– Додека неговите директори се фатени со дрога, Мицкоски нема право да зборува за морал и вредности – истакна таа.

СКАНДАЛОЗНО ВИДЕО СО ДИРЕКТОРОТ НА НЕВРОЛОГИЈА Кузмановски снимен со кокаин, Алиу го разреши, ВМРО-ДПМНЕ ја поддржа одлуката

КУЗМАНОВСКИ СО ЈАВНО ИЗВИНУВАЊЕ ПО СКАНДАЛОТ СО „БЕЛОТО“ Разрешениот директор вели дека тоа бил момент на слабост и дека длабоко се кае

Поврзани содржини