ВЕТУВАШЕ ЗЕЛЕНИЛО, А ОД КАРПОШ НАПРАВИ БЕТОНСКА ЏУНГЛА! Стевчо Јакимовски е кандидат на Филипче и на Заев, обвинува ВМРО-ДПМНЕ
Стевчо Јакимовски за профит на инвеститорите ја продаде Општина Карпош, вели Христо Саракинов, носител на листа од ВМРО-ДПМНЕ.
Христо Саракинов, носител на советничка листа за Општина Карпош, кандидиран од ВМРО-ДПМНЕ, обвини денеска на прес-конференција дека Стевчо Јакимовски, како што рече, „кандидатот на СДСМ, на Венко Филипче и на Зоран Заев, од Карпош направи бетонска џунгла и за профит на инвеститори ја продаде општината“.
– Стевчо Јакимовски дојде на власт со ветување на нови зелени површини, дојде на власт и заборави на ветувањата. Наместо нови зелени површини добивме нови бетонски коцки насекаде низ Карпош. Сега Јакимовски склучил пакт со Филипче и со Заев за поддршка, а цената е јасна – тоа е пакт за продолжување на бетонизацијата и урбаната мафија. Интересот на Стевчо Јакимовски не е да ја реализира програмата што ја вети на избори, тоа го покажал на дело, туку да штанца ДУП-ови и да го бетонизира секое делче од Карпош. Но, карпошани нема да бидат излажани од Стевчо Јакимовски, кој секогаш пред избори ветува зеленило и проекти, а по избори се фрла на бетонизација – рече Саракинов, носител на советничката листа на ВМРО-ДПМНЕ за Општина Карпош.