ЦЕНТАР СТАНУВА СИМБОЛ НА ОБЕДИНЕТОСТ Лабудовиќ најави враќање на животот и гордоста во Скопје
Кандидатот на Движењето ЗНАМ и ВМРО-ДПМНЕ најави визија за чисти улици, паркинзи со системи за паметно управување и зелени површини.
Петнаесет месеци, ВМРО-ДПМНЕ и Движењето ЗНАМ ја водат државата и покажаа дека може поинаку. На митингот што се одржа вечерва пред куќата на Мајка Тереза, кандидатот за градоначалник за Центар Мирослав Лабудовиќ се обрати пред присутните и порача дека кога ја формирал владата, формирал и семејство, семејство кое се темели на вистински вредности, доверба, посветеност и верба дека Македонија заслужува повеќе.
– Вечерва овде во Центар формираме уште едно големо семејство. Едно големо срце, едно заедништво, едно чувство дека заедно можеме да го вратиме животот, топлината и гордоста на нашите улици, на нашите маала, на нашето Скопје. Покажавме дека кога има љубов кон народот и чесна намера, може да се работи со срце – порача Лабудовиќ пред присутните.
Тој упати посебен поздрав до премиерот Христијан Мицкоски и лидерот на Движењето ЗНАМ, Максим Димитриевски, личности кои, како што рече, ја вратиле довербата и надежта кај народот и се негова лична инспирација за чесност, храброст и доследност. Исто така, упати поздрав и до, како што го нарече, идниот градоначалник на Скопје Орце Ѓорѓиевски.
Лабудовиќ упати серија критики кон актуелниот градоначалник Горан Герасимовски, кој според него ветувал многу, но не реализирал ништо.
– Ветуваше ред, а донесе хаос. Ветуваше нови вредности, а работеше по старите шеми. Во четири години издаде речиси триста дозволи за градба, а не направи ниту еден нов парк. Триста згради никнаа, ниту едно дрво не засади. Триста нови проблеми создаде, ниту еден не реши. Дебар Маало, Буњаковец, Капиштец, некогаш маала со душа и песна, денес загушени во прашина, бетон и апатија. Го изгубивме воздухот, го изгубивме зеленилото, го изгубивме човекот. Центар го претворија во паркинг за интереси и во полигон за блиски фирми – истакна Лабудовиќ.
Кандидатот за градоначалник ја презентираше својата визија за Центар, откако ќе застане на чело на општината.
– Мојата визија е едноставна, Центар што дише. Центар каде мајките шетаат спокојно со своите деца, каде старите луѓе седат на клупа и зборуваат дека конечно некој направил нешто за нив, не за себе. Центар каде што културата ќе се врати на улиците, каде училиштата ќе светат, каде младите ќе имаат причина да останат, не да си заминуваат. Центар со катни гаражи, со „smart“ паркинг систем, со чисти тротоари и осветлени улици. Центар што ќе го почитува секој граѓанин, не само партискиот пријател. Знам дека го можеме тоа. Знам дека со љубов, работа и искреност, Центар повторно ќе стане срце на Скопје – гордо, живо и достоинствено срце. Но за тоа ми треба вашата сила. Вашиот глас, вашата верба, вашата енергија. Да покажеме дека Центар не е на оние што го узурпираа, туку на оние што го сакаат. Да покажеме дека Центар има свои луѓе, дека Центар знае да каже, доста беше! – порача Лабудовиќ.