РЕКОРДЕН БРОЈ ВОЗАЧИ КАЗНЕТИ БЕЗ ДОЗВОЛА Над 18.000 прекршоци откриени од почетокот на годината до септември

Полицијата откри дека најмногу возачи без дозвола имало во Струмица и Скопје, засилените контроли продолжуваат и во октомври.

133

Од почетокот на 2025 година до крајот на септември, полицијата открила и санкционирала дури 18.458 возачи кои учествувале во сообраќајот без да поседуваат возачка дозвола, информира Министерството за внатрешни работи.

Според податоците, најмногу прекршоци се регистрирани во подрачјата на СВР Струмица и СВР Скопје, со 3.275 и 3.202 санкционирани возачи. На територија на СВР Битола казнети се 2.811 возачи, во СВР Тетово – 2.086, а во СВР Куманово се изречени 1.660 мерки за управување возило без дозвола.






Од Мобилната единица за безбедност на сообраќајот на патиштата се изречени уште 1.634 санкции за прекршување на член 225 од Законот за безбедност на сообраќајот, кој предвидува казни за управување без возачка дозвола.

Во останатите сектори, 1.466 возачи биле фатени без дозвола во подрачјето на СВР Велес, 1.238 во Штип, а 1.086 во Охрид.

Според МВР, само во првата недела од октомври, заклучно со 7 октомври, откриени се уште 373 прекршоци за учество во сообраќај без возачка дозвола.

Од Министерството најавуваат дека засилените контроли ќе продолжат и во наредните денови низ целата држава, со цел зголемување на безбедноста на патиштата.

„Апелираме до граѓаните да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи и на тој начин сите заедно да придонесеме за посигурни и побезбедни патишта за сите нас“, порачуваат од МВР.

Поврзани содржини