„ПРАВДАТА НЕ Е ПРИВИЛЕГИЈА ЗА МАЛКУМИНА“ Мицкоски најавува институционален ресет и крај на партиските влијанија

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ најави институционален ресет, непристрасно судство и крај на партиските влијанија.

426

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, се обрати на денешниот народен митинг во општина Илинден и зборуваше за состојбата со судството во земјата и посочи дека време е да се создаде држава на правда, слобода и грижа за секого.

– Моментот што го чекале генерации е пред нас. Време е да ги скршиме ланците на неправдата и да изградиме држава каде судиите судат според закон, а не според партиски влијанија, каде институциите штитат, а не молчат, каде процедурите враќаат доверба, а не создаваат сомнеж. Правдата не смее да биде привилегија на малкумина, туку право на секој граѓанин – рече Мицкоски.






Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ критикуваше дека СДСМ ја претворил државата во партиски бизнис и систем кој ги гуши институциите.

– Слободата не е само збор во Уставот, туку начин на живот: слобода на мислење, говор, слобода од страв и притисок. СДСМ го понижува народот и го кочи напредокот. Не можеме да го чекаме утрото додека ситни и големи кочници ја задушуваат државата, вградени во институциите и делуваат тајно или откриено. На сите нивоа постојат елементи на длабока држава – мрежи што се шират низ партии, институции и етнички заедници. Тоа мора да заврши – додаде Мицкоски.

Тој нагласи дека предлогот за ресет на системот нема да биде само политички, туку институционален, со цел правда и одговорност.

– Овој ресет ќе биде морален, институционален и народен. Ќе има брза правда и вистинска одговорност. Ќе биде праведен, но безмилосен кон оние што го злоупотребувале народот. Ќе ја вратиме одговорноста и достоинството, и ќе имаме систем на кој сите гордо ќе му служиме. На овие избори не бирате само градоначалник, туку давате енергија за големи промени – заклучи Мицкоски.

Поврзани содржини