РАЦЕ МОДРИ ОД ВРЗУВАЊЕ, УКРАДЕНА БУРМА, ИЗБРИЧЕНИ ВЕЃИ… Што сѐ се случува зад затворените врати на старските домови?
Во моментов во Македонија функционираат 5 јавни установи за вонсемејна заштита на стари лица со сместувачки капацитет од 654 корисници. Од Министерството за социјална политика, демографија и млади не соопштија колкав е вкупниот капацитет на приватните домови и колку луѓе се сместени во нив.
Јавноста е во шок по веста за затворањето на два старски дома во Скопје откако било утврдено дека во нив имало суров, деградирачки, нечовечки и понижувачки третман на стари лица за кои нивните семејства плаќале услуга за вонсемејно домување. МВР поднесе кривична пријава против Н.Ј.(47) и Т.И. (58), кои управувале во двата дома, а двете осомничени од вчера се во притвор.
Јавното обвинителството откри дека во двата дома во Центар и во Бутел, на штитениците им била давана храна со поминат рок, спиеле на тросед, или по двајца во единечен кревет, некои биле заклучувани во посебни простории, им биле давани лекови кои не биле препишани од лекар.
Уценети и немоќни – искуства на граѓаните
На социјалните мрежи граѓаните споделуваат разни искуства од услугите во старските домови низ земјава. За жал, многумина сведочат за нетранспарентни односи од страна на домовите и бараат инспекција да утврди дали секаде се почитуваат стандардите за работа.
– Во двата дома директорката е иста личност. Кога разговаравме со неа за сместување на старо лице, инсистираше разговорот да биде надвор, без да ни дозволи да видиме како изгледа внатре. На прашањето зошто не може да се погледнат условите, нејзиниот одговор беше: „Што има да се проверува, кога цената и така е пониска од другите приватни домови.“ Таков однос остава впечаток како да оставаш вреќа компири на чување, а не човек што заслужува грижа и достоинство – сведочи граѓанка на социјалните мрежи.
Граѓани пишуваат и дека се сомневале во матни зделки, па и во кражби на предмети и облека што им припаѓале на корисниците.
– Инвалидската количка што ни ја додели Социјално ја земавме од „Славеј“, ја однесовме во домот и повеќе не ја видовме. Кога бурно реагирав неколку пати, донесоа количка на која пишуваше друга фирма. Ги продаваат новите колички на фирма со која се врзани. Можам да пишувам до утре за хоророт низ кој поминавме за еден многу краток период. Јас сакав уште во март да ги пријавам ама кој мене ќе ми верува. Што е потрагично таму ја однесовме мајка ми по препорака како дом кој се грижи за своите штитеници – сведочи скопјанка.
Друга вели:
– Свекрва ми уште првиот ден остана без бурмата, а во наредните денови те тренерки, те блузи, сѐ беше измешано и туѓо. Ја шишале, и веѓите ѝ ги потстрижале, па плачеше. Којзнае што сѐ прават, затоа и не дозволуваат да се влегува во просториите.
Пренесуваме и сведоштво на жена чија мајка со деменција била сместена во старски дом.
– Мајка ми со деменција, беше сместена во еден од тие домови и плаќавме по 500 евра месечно, но се сомневав во една од сестрите дека лошо се однесува кон мајка ми, зашто дури и пред нас покажуваше нетрпение. За да не ѝ направат нешто, си молчевме. Рацете ѝ беа модри од врзување, а тие ни велеа дека мора да се врзува оти има деменција. Ова се случуваше од 2016 до 2018 година во дом за стари лица во Скопје. Што можеме, немоќни да докажеме. Во тоа време многу домови не примаа стари со ваква болест – сведочи таа.
Каде гледале инспекторите?
Граѓаните се прашуваат дали воопшто се правеле редовни инспекции во овие институции и како не биле забележани никакви пропусти, особено претрупаноста од луѓе.
Во домот во Бутел биле сместени 27 корисници, иако имало дозвола само за 21 лице, а во установата во Центар биле сместени 33 корисници, иако имале дозвола само за 17 лица.
-А каде биле службите да прават контрола како се сместени корисниците, условите во кои живееле и негата што ја добивале? Сега да им ги вратат парите на овие корисници кои ги плаќале за ваков третман и нормално затворски казни за сопствениците и одговорните лица во домовите – пишува граѓанин на социјалните мрежи.
Од Министерството за социјална политика, демографија и млади велат дека инспекциската служба врши редовни, вонредни и контролни инспекциски надзори согласно донесена Годишна програма.
– Контролите се вршат во согласност со Законот за социјална заштита и подзаконските акти донесени врз негова основа, а се однесуваат на исполнувањето на нормативите и стандардите за простор, опрема и кадри потребни за непречено функционирање на установата и грижа за старите лица – велат од Министерството.
Поради затворањето на двата старски дома, вчера биле повикани семејствата да си ги земат штитениците.
Министерството за социјална политика денеска информира дека дел од старите лица се сместени кај нивните семејства, а дел се во државните домови за стари.
Во моментов во Македонија функционираат 5 јавни установи за вонсемејна заштита на стари лица со сместувачки капацитет од 654 корисници. Од Министерството за социјална политика, демографија и млади не соопштија колкав е вкупниот капацитет на приватните домови и колку луѓе се сместени во нив.