ИЗРАЕЛЦИТЕ НÈ ДРЖЕА ВО КАФЕЗИ БЕЗ ВОДА, ТВРДИ ТУНБЕРГ Активистката шокираше со сведоштвото за флотата „Сумуд“
Побаравме лекар и лекови, а тие ставија 60 луѓе во мали кафези и ни рекоа дека ќе нè убијат со гас, тврди 22-годишната активистка од Шведска откако беше депортирана заедно со другите учесници во флотата бродови „Сумуд“ која носеше хуманитарна помош за Газа
Шведската активистка Грета Тунберг тврди дека изралеските власти ги оставиле уапсените активисти од флотата „Сумуд“ изнемоштени и без пристап до вода за пиење и, како што тврди Тунберг, им се заканувале дека ќе има пуштат гас.
– Им кажавме на луѓето од шведскиот конзулат дека немавме пристап до чиста вода бидејќи чешмите беа контаминирани. Се разболевме – истакна Тунберг на прес-конференција во Стокхолм, пренесе Ројтерс.
Притоа, активистката обвини дека израелските чувари ги исмејувале додека им фрлале шишиња со вода пред очите, без да им дозволат пристап до нив.
– Им рековме: нема да си одиме додека не добиеме чиста вода за пиење.
Меѓу приведените активисти, деветмина биле од Шведска, вклучително и Тунберг. Таа по неколку дена била вратена во Шведска. Но, според тврдењата на активистите, психофизичките последици од притворот сè уште се чувствуваат.
– Кога конзуларните службеници си заминуваа по состанокот со нас, им реков: „Кога ќе си заминете, ќе нè претепаат, бидејќи никој нема да гледа“. Шведските службеници сепак си заминаа – рече Тунберг.
Таа опиша сцени во кои луѓе се онесвестувале, а наместо лекарска помош, добивале тортура.
– Побаравме лекар и лекови, а тие ставија 60 луѓе во мали кафези и ни рекоа дека ќе нè убијат со гас – тврди Тунберг.
Активистката е скептична кон реакциите на меѓународната заедница:
– Без разлика што ќе кажеме, нашите влади нема да преземат мерки против Израел.