ДУИ И ВРЕДИ ВО СУДИР ПО ПУКАЊЕТО ВО КУМАНОВО Двете партии со остри, но различни пораки
ДУИ го нарече нападот „варварски чин“ и побара итна реакција од институциите, додека ВРЕДИ повика на смиреност и предупреди случајот да не се користи за политички цели.
По денешниот вооружен напад во Куманово, во кој беше ранет кандидатот за советник и носител на листата на ДУИ во Општина Липково, Зекрија Шаини, двете главни партии од албанскиот политички блок – ДУИ и коалицијата Вреди излегоа со реакции во кои остро го осудуваат настанот, но со различен пристап и тон.
Од ДУИ велат дека се длабоко загрижени за безбедноста на нивниот кандидат, кој, според информациите, бил застрелан од маскирани лица.
„За среќа, неговиот живот е надвор од опасност и тој ја добива потребната медицинска нега. Остро го осудуваме овој варварски чин на насилство и бараме од Министерството за внатрешни работи и Јавното обвинителство веднаш да реагираат – со целосна транспарентност и решителност – за да ги идентификуваат, уапсат и изведат пред лицето на правдата сторителите на овој атентат“, се наведува во соопштението на ДУИ.
Партијата повика своите поддржувачи и симпатизери да останат смирени и да не подлегнуваат на провокации, нагласувајќи дека, во знак на солидарност со повредениот кандидат, ги прекинуваат сите дневни активности.
„Институциите мора да преземат конкретни чекори за враќање на јавната доверба и безбедноста на теренот“, додаваат од ДУИ.
Од друга страна, коалицијата Вреди изрази жалење за настанот и најостро ја осуди употребата на сила, но во соопштението испрати поумерен и помирлив тон.
„Изразуваме длабоко жалење за настанот што се случи во Куманово, при што е повреден д-р Зекрија Шаини. Како коалиција, најостро ја осудуваме секоја форма на насилство и упатуваме апел за смиреност, воздржаност и почитување на надлежните институции кои треба целосно да го расветлат случајот“, наведуваат од Вреди.
Тие додаваат дека насилството нема место во нашето општество и дека ниту една околност не може да биде оправдување за дела што го загрозуваат животот и безбедноста на граѓаните.
„Апелираме до истражните органи што побрзо да ги откријат мотивите и сторителите на овој чин, и повикуваме ваквите случаи да не се злоупотребуваат за политички цели“, порачаа од Вреди.