„СО ЛАГИ ГО ПОКРИВАТЕ БУГАРСКИОТ КАПИТАЛ ВО ВМРО-ДПМНЕ“ СДСМ му врати на Петрушевски за прозивките за бугарските врски на Заев
„Му порачуваме на Бране Петрушевски и ВМРО-ДПМНЕ дека се прочитани и дека граѓаните овие нивни лаги веќе не ги слушаат“ – реплицира СДСМ.
„Бране Петрушевски, човекот кој граѓаните го паметат како борец против покачувањето на платите и непријател на работниците, очајно се обидува преку лаги да ја скрие вистината за Мицкоски и раководството на ВМРО-ДПМНЕ. А вистината е дека пола раководство води фирми во Бугарија и според информациите во медиумите, така ја финансираат партијата“ – се вели во соопшението со кое СДСМ одговори на денешната прес-конференција на пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ Бране Петрушевски.
„Затоа Бране Петрушевски и Мицкоски се надеваат дека со своите измислени приказни ќе го покријат срамот и лицемерието на нивната партија. Година и пол неспособните од ВМРО-ДПМНЕ ја замајуваат јавноста, со хибридни напради, со дестабилизации, со дронови и измислени афери кои им пропаднаа една по една. Причината е јасна, друго не знаат да сработат и да понудат. Му порачуваме на Бране Петрушевски и ВМРО-ДПМНЕ дека се прочитани и дека граѓаните овие нивни лаги веќе не ги слушаат. Наместо решенија и проекти, ВМРО-ДПМНЕ понуди само црна кампања против опозицијата, очајна стратегија на неуспешни и пропаднати политичари кои за година и пол докажаа дека власт не ја заслужуваат“ – се вели во соопштението на СДСМ.
Петрушевски на прес-конференција денеска го прозва лидерот на СДСМ Венко Филипче да одговори дали е точно дека поранешниот лидер на СДСМ и премиер Зоран Заев му дал УСБ-стик на поранешен бугарски премиер со прислушувани разговори, како и дека му понудил да купи две македонски фирми, од кои едната е телевизиска куќа, со цел преку неа да се врши бугарска пропаганда во Македонија.