РЕКОНСТРУКЦИЈА НА ЛЕНИНОВА, ПАРК КАЈ ЗЕЛЕН ПАЗАР Герасимовски најави модернизација на 30 улици и пјацети

78

Кандидатот за втор градоначалнички мандат од СДСМ, Горан Герасимовски, најави реконструкции на улици, уредување на јавни простори и зголемување на безбедноста на сообраќајот.

– Нови пешачки патеки, декоративно осветлување и повеќе зеленило долж улиците. Тоа е мојата визија, предвидена во новата програма. Приоритет ќе имаат пешаците и жителите, безбедноста е најважна, особено за семејства со деца, постари лица и велосипедисти – рече Герасимовски.






Еден од поголемите проекти ќе биде целосната реконструкција на улицата Ленинова, на потегот од булеварот Партизански одреди до Паркот на франкофонијата.

Предвидено е и уредување на делот од Градски ѕид, од Зелен пазар до улицата Македонија.

– Просторот темелно ќе биде трансформиран со ново хортикултурно уредување, поставување клупи, светилки и уредени пешачки патеки. Ќе има функција на мини урбан парк и ќе го поврзува пазарот со деловниот и станбен дел на општината. Овој потег е исклучително фреквентен и неговото уредување ќе има директно позитивно влијание врз секојдневието на илјадници граѓани – истакна Герасимовски.

Планирани се реконструкции и партерно уредување на над 30 пјацети и улици, меѓу кои Коле Неделковски, Христо Смирненски, Коста Веселинов, 8 Март, Наум Наумовски Борче, и др.

Во изминатите четири години, Општина Центар реконструираше 24 улици, со што се подобри инфраструктурата и се зголеми безбедноста на сообраќајот.

Поврзани содржини