ЧИСТА СЕРАВА И МЕГАПАРК ВО БУТЕЛ Кружен тек кон градските гробишта за поголема безбедност, најави Ѓорѓиевски

Ќе се обнови целиот речен појас на Серава, ќе се уреди со пешачки и велосипедски патеки, автохтона вегетација и со јавни содржини, а реката ќе стане чиста, безбедна и достапна зона што ќе го подобри квалитетот на живот на жителите на Бутел и на целиот град, најави кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ за градоначалник на Скопје, Орце Ѓорѓиевски.

212

Бутел ќе добие кружен тек, пробивање на нови улици, мега парк и уште многу други проекти, најави денеска кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ за градоначалник на Скопје, Орце Ѓорѓиевски.

„Денеска сме во Општина Бутел, на крстосницата меѓу улиците Бутелска и Александар Урдаревски, каде што планираме изградба на кружен тек. Овој проект е дел од пошироката стратегија за зголемена безбедност и уреденост во сообраќајот низ целиот град. Преку редизајн на 50 критични крстосници и улици, Скопје ќе се движи кон целта „Нула фатални несреќи до 2030 година“, применувајќи докажани европски стандарди за безбедност во урбаниот простор“, објави Ѓорѓиевски на Фејсбук.






Кружниот тек што ќе се изгради овде ќе значи крај на хаосот во сообраќајот и значително намалување на ризикот од несреќи, додаде тој.

Фото: Фејсбук страница на Орце Ѓорѓиевски

 

„Оваа точка е една од најфреквентните во Бутел, бидејќи улицата Александар Урдаревски е сообраќаен правец што секојдневно го користат илјадници граѓани, поради близината до градските гробишта. Паралелно со овој проект, следи и целосна реконструкција на улиците Бутелска и Радишанска, на потегот од Расадник-Бутел до населбата Радишани. Со тоа ја враќаме функционалноста и безбедноста на една од најважните сообраќајни артерии во општината. Ќе се постави нов асфалт, подобрена дренажа, пешачки патеки и улично осветлување според најсовремени стандарди“, најави Ѓорѓиевски.

Особено важно е што пред реконструкцијата, додаде, ќе се изгради атмосферска канализација, со што конечно ќе се реши долгогодишниот проблем со поплавите при поројни дождови.

„Во насока на подобра поврзаност и функционален сообраќаен систем, ќе се реализира и проектот за поврзување на улицата Бутелска со булеварот Христијан Тодоровски Карпош, во близина на обиколницата. Со ова решение ќе се елиминираат постојните гужви и ризиците од несреќи и ќе се обезбеди нов, безбеден и уреден влез и излез од Бутел“, вели тој

Посебно внимание посветуваме и на стратегиските правци, меѓу кои е и реконструкцијата на Стар Качанички пат кај Визбегово – проект од огромно значење не само за Општина Бутел, туку и за Општина Чучер Сандево, најави Ѓорѓиевски.

„Со негова реализација директно се поддржува развојот на Економската зона Визбегово, што ќе придонесе за нови работни места, подобра логистика и економски раст на целиот регион. Општина Бутел не е изолирана зона, туку дел од функционалната урбана целина на Скопје.
Затоа, секоја интервенција овде ја планираме во координација со развојот на сообраќајната инфраструктура во соседните општини. Во таа насока, сакам да ги спомнам и два големи проекта што ќе имаат директно позитивно влијание врз Бутел – изградбата на третата лента на булеварот Цветан Димов во општината Чаир и изградбата на булеварот Хрватска во општината Гази Баба. Со нивното реализирање, значително ќе се подобри протокот на возилата и ќе се олесни пристапот кон Бутел, што ќе придонесе за поголема сообраќајна безбедност и рамномерно растоварување на метежот во овој дел од градот“, вели Ѓорѓиевски.

Но, развојот на Бутел не го гледаме само низ призма на сообраќајот, туку и низ создавањето на урбани и зелени јавни простори и затоа во план е изградба на нов мега парк долж булеварот Христијан Тодоровски Карпош, дополни Ѓорѓиевски.

„Овој простор, кој со години беше запуштен, ќе се претвори во уреден, функционален и модерен јавен парк со зелени површини, детски игралишта, фитнес зони и пешачки патеки. Со тоа Бутел конечно ќе добие своја современа рекреативна зона, место за одмор и дружење за сите генерации“, најави тој.

Ѓорѓиевски додаде и дека меѓу најзначајните и долгорочни проекти за овој дел на градот е рекултивацијата на реката Серава и воспоставувањето зелени коридори по нејзината должина.

„Со оваа интервенција ќе се обнови целиот речен појас, ќе се уреди со пешачки и велосипедски патеки, автохтона вегетација и со јавни содржини. Серава ќе стане чиста, безбедна и достапна зона што ќе го подобри квалитетот на живот на жителите на Бутел и на целиот град“, ветува Ѓорѓиевски.

Овие проекти, од кружни текови и реконструкции на улици, до паркови и зелени коридори, не се изолирани мерки, туку се дел од јасна и системска визија за Скопје кое е безбедно, функционално и современо, град што расте со план и се развива во корист на граѓаните, објави Ѓорѓиевски на Фејсбук.

Поврзани содржини