СРЕДНОШКОЛЦИТЕ ЌЕ ГИ ВОЗИМЕ ОД ВРАТА ДО УЧИЛИШТЕ Трајановски од ГРОМ ветува ученички автобуски превоз

Скопје мора да биде град што функционира, со чист воздух, уреден јавен транспорт, сигурна инфраструктура и културен живот достапен за сите – рече кандидатот за градоначалник на Скопје.

107

Средношколците на Скопје ќе добијат безбеден, бесплатен и организиран автобуски превоз од врата до училиште. Ова е една од клучните мерки што кандидатот за градоначалник на Град Скопје од коалицијата „Искуство за успех“, Александар Трајановски, ја најави како дел од својата програма „15 клучни проблеми и решенија на Скопје“.

– Скопје мора да биде град што функционира, со чист воздух, уреден јавен транспорт, сигурна инфраструктура и културен живот достапен за сите. Најважно е граѓаните да почувствуваат дека градот работи за нив, а не обратно – вели Трајановски.






Трајановски нагласи дека на младите мора да им се обезбедат услови кои ќе им овозможат безбедност, пристап и развој.

– Не можеме да зборуваме за европски стандарди, ако учениците немаат безбеден превоз до училиштето. Тие се нашата иднина, а обврска на градот е да им го олесни секојдневието – изјави Трајановски.

Освен организиран автобуски превоз, Трајановски во програмата предвидува и низа мерки насочени кон подобрување на квалитетот на животот на средношколците, како формирање средношколски спортски лиги, пристап до културни настани по симболична цена, бесплатни обуки за самоодбрана, обезбедување средства за менструална хигиена во сите училишта, организирани здравствени прегледи, телефонска линија за пријавување насилничко однесување кон учениците и други.

Во програмата „15 клучни проблеми и решенија на Скопје“ се опфатени и други приоритети како решавање на проблемот со водоснабдувањето, чистиот воздух, уличните кучиња, ГТЦ како нов дом на Градот, производството на пелети од страна на „ЈП Паркови и Зеленило“ за еколошко греење, и дузина други квалитетни решенија.

– Скопје треба да биде град на решенија, а не на изговори – нагласи Трајановски.

Поврзани содржини