НЕТАНЈАХУ ИМАЛ „ПРОКЛЕТО НЕГАТИВЕН“ СТАВ ЗА ПЛАНОТ НА ТРАМП? Не е точно, ќе има договор, демантира шефот на САД
Иако негирал ваква комуникација, шефот на САД од Овалната соба сепак потврдил дека Нетанјаху имал резерви кон планот за мир во 20 точки, за разлика од него, кој, како што рече, е „прилично сигурен“ дека ќе дојде до договор.
„Не, не е точно. Тој беше многу позитивен во врска со договорот“.
Вака изјави американскиот претседател Доналд Трамп, демантирајќи дека му се обратил на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху со зборовите: „Зошто си секогаш толку проклето негативен?“. Оваа реплика наводно се случила во телефонски разговор по веста дека Хамас прифатил делови од мировниот план за Газа, јави „Аксиос“.
Иако негирал ваква комуникација, Трамп сепак потврдил дека Нетанјаху имал резерви кон планот за мир во 20 точки, за разлика од него, кој, како што рече, е „прилично сигурен“ дека ќе дојде до договор.
– Мислам дека ќе имаме договор… Буквално со векови се обидуваат да постигнат нешто со Газа… Израелскиот народ сака да се случи ова – додал Трамп, говорејќи од Овалната соба.
Меѓутоа, според американски официјален претставник цитиран од „Аксиос“, разговорот бил напнат, а Трамп бил изиритиран од ставот на Нетанјаху дека „ова не е нешто за славење“. Спротивно на тоа, Хамас веќе потврдил дека се согласил да ги ослободи дел од заробениците според американскиот план.
На новинарско прашање дали бил во контакт со семејствата на заложниците, Трамп одговорил потврдно, додавајќи дека тие биле „одушевени“. За преговарачката линија со Хамас, тој децидно истакнал:
– Ако не се исполнат одредени работи, нема да го направиме тоа.
Според „Њујорк Тајмс“, договорот нема да биде објавен веднаш, иако денешниот датум, 7 октомври, симболично ја одбележува втората годишнина од нападот на Хамас врз Израел.
„Во целост сме усогласени“, нагласиле советниците на Нетанјаху.
Но, дипломатски извори потврдиле дека разликите во тонот и перцепцијата меѓу двајцата лидери се очигледни, особено откако медиумите почнаа да ја пренесуваат несекојдневната изјава за „проклето негативниот“ став на израелскиот премиер.