ПРЕВОЗНИЦИТЕ СЕ ВРАЌААТ НА УЛИЦИТЕ Автобусите од утре повторно ќе возат, ЈСП им префрли пари

По неколку дена неизвесност, скопјани утре повторно ќе имаат редовен јавен превоз. ЈСП попладнево им исплати дел од долгот на приватните автобуски превозници, со што тие најавија дека ќе се вратат на улиците.

154

Приватните автобуски превозници во Скопје од утре повторно ќе сообраќаат по редовен возен ред, откако Јавното сообраќајно претпријатие (ЈСП) попладнево им префрли по 6 милиони денари на трите компании, потврди сопственикот на „Јофи Бус“, Јовица Зафировски.

– Денеска во 16 часот добивме информација дека ни се уплатени по 6 милиони денари по пакет и после координација со превозниците решивме утре да се вратиме на терен и да возиме по зададениот возен ред. Сумата не е голема, но овозможува да продолжиме со работа наредните две недели. Се надеваме дека во тој период ќе има нова уплата од ЈСП за да не дојде до прекин – изјави Зафировски.






Тој објасни дека автобусите секојдневно имаат потреба од гориво и редовно сервисирање, што создава значителни трошоци, па затоа е неопходно навремено финансирање за да не трпат граѓаните.

– Ние сакаме да возиме, но мора редовно да се исплаќаат обврските. Граѓаните не треба да чекаат по автобуските станици поради доцнење на плаќањата – додаде Зафировски.

Приватните превозници „Јофи Бус“, „Вестор Транс“ и „Радос Компани“ во петокот побараа ЈСП да го исплати целиот долг од 170 милиони денари, од кои, како што наведоа, околу 90 милиони биле доспеани. Денеска тие возеа редуцирано од 5 до 10 часот, а од утре повторно ќе сообраќаат редовно.

Поврзани содржини