СИНХРОНИЗАЦИЈА НА 12 ЗАКОНИ ЗА ПОДОБРО ЗДРАВСТВО Гаранција за поквалитетни услуги, фер пристап и за поголема сигурност на пациентите

Со овие законски измени целиме кон здравствен систем што е стабилен, поврзан и предвидлив. Систем во кој секој податок, секоја постапка и секоја одлука ќе има место, логика и одговорност , вели министерот за здравство, Азир Алиу.

49

Со синхронизирање на 12 закони од областа на здравството,  од евиденции, преку осигурување и лекови, до биомедицина и јавно здравје, и нивно поврзување за да функционираат како една целина, ќе се овозможи унапредување на процесите во здравствениот систем.

Денеска во Министерството за здравство се одржа јавна презентација на тие 12 закони, а стручната фела даде предлози, мислења и препораки, за да се дојде до најдобрите решенија.






Министерот за здравство Азир Алиу рече дека станува збор за најобемната реформа на законските прописи во здравството досега.

– Овој процес го започнавме во рамки на Министерството, со работни групи за измени и дополнувања на 12 законски решенија кои директно се однесуваат на здравствениот систем. Само преку транспарентност и со отворена дискусија можеме да дојдеме до најдобрите решенија. Целта е подобрена законска рамка која ќе биде гаранција за поквалитетни услуги, фер пристап и поголема сигурност за пациентите. Идејата е да бидат синхронизирани сите 12 закони, со цел да не се кочат процесите во здравствениот систем – рече Алиу.

Станува збор за системско преосмислување на 12 закони во различни области во здравството.

– Со овие закони целиме кон здравствен систем што е стабилен, поврзан и предвидлив. Систем во кој секој податок, секоја постапка и секоја одлука ќе има место, логика и одговорност – рече Алиу.

Министерот ги повика сите чинители активно да се вклучат во овие процеси, со цел заедно да ја подобрат легислативата, а со тоа и состојбите во здравствениот систем.

Стручната и јавна расправа ги опфаќа измените и унапредувањата на законите: за евиденции во областа на здравството, за здравствената заштита, за здравственото осигурување, за лекови, за медицински средства, за јавно здравје, за заштита на населението од заразни болести, за заштита од пушењето, за биомедицински потпомогнато оплодување, за комплементарна и алтернативна медицина, за земање и пресадување на делови од човечкото тело заради лекување, за санитарна и здравствена инспекција.

Одговарајќи на новинарско прашање Алиу рече дека не случајно што се отворени овие 12 закони.

– Прво, имаме моменти кои не се предвидени во законската рамка и второ, имаме моменти кога едниот закон предвидува нешто, а вториот закон предвидува друг тип или проток на процеси. Идејата е да бидат синхронизирани сите 12 закони, со цел да може процесите во здравствениот систем да не се кочат. Понекогаш и законски се кочат. Овие 12 закони не се нови, туку ќе бидат обработени и адаптирани да бидат синхронизирани еден со друг. Процесот е отворен и кога ќе заврши ќе имаме уште една јавна дебата на која ќе ги презентираме законските измени – реле министерот Алиу.

Поврзани содржини