ДИРЕКТОРОТ НА „КОМУНАЛНА“ Е ОД ДУИ, А ОСМАНИ НИКОГАШ НЕ ГО ПОВИКА НА ОДГОВОРНОСТ Си тераа клиентелистички тендери, а Скопје се задуши во ѓубре, обвини Вреди

Сите знаат дека Бујар Османи не е близок со граѓаните од Чаир. Повеќе од 10 години ги користи нивните гласови само за својата кариера, додека проблемите на граѓаните ги остава настрана, вели портпаролот на Вреди во Чаир, Сабри Азири.

152

Скандалозни се злоупотребите со јавните пари во Јавното претпријатие „Комунална хигиена“, предводено од директорот на ДУИ, Сабахудин Рустеми, реагираше денеска портпаролот на локалниот изборен штаб на Вреди во Чаир, Сабри Азири.

– Вчера им ги претставивме на граѓаните на Чаир, на Скопје и на целата јавност шокантните факти дека раководството на ЈП „Комунална хигиена“, предводено од Сабахудин Рустеми, потрошило над 1,4 милион евра јавни пари за „сервиси“ на возниот парк, а резултатот е катастрофален, расипани возила и Скопје задушено во отпад – истакна Азири.






Според него, со истата сума пари градот можел да добие нов, модерен возен парк за собирање отпад.

– Со 1,4 милиони евра, наместо клиентелистички тендери, можеа да се купат 26–27 нови комунални возила од типот Piaggio porter за отпад или до 40 нови средни камиони или над 80-90 мали комерцијални возила прилагодени за помали маала. Со тие пари, Скопје, Чаир и сите општини ќе имаа целосен парк на современи возила, а граѓаните ќе живееја во чиста средина – рече Азири.

Тој посочи дека зад сето ова стои молкот и соодговорноста на кандидатот на ДУИ за градоначалник на општина Чаир, Бујар Османи.

– Бујар Османи, кој денес се претставува како загрижен лекар и добар родител, никогаш не се осмели да го повика на одговорност својот пријател, директорот на претпријатието. За него не е важна чистотата на Чаир, туку заштитата на личниот политички углед и на неговите партиските кадри – изјави Азири.

Тој потенцираше дека Османи никогаш не бил близок со граѓаните на Чаир и дека повеќе од една деценија ги користел нивните гласови само како трамполина за централната власт.

– Сите знаат дека Бујар Османи не е близок со граѓаните од Чаир. Повеќе од 10 години ги користи нивните гласови само за својата кариера, додека проблемите на граѓаните ги остава настрана – нагласи Азири.

Тој ги повика граѓаните на Чаир на 19 октомври „еднаш засекогаш да ја отстранат ДУИ и нејзините функционери од политичката сцена“.

Поврзани содржини