ХАМАС СЕ СОГЛАСИ СО ПЛАНОТ НА ТРАМП ЗА МИР ВО ГАЗА Експресно доби поддршка од Исламски џихад
Хамас изрази и подготвеност да се откаже од контролата врз Појасот Газа и да ја предаде администрацијата на политички независно палестинско тело.
Палестинското радикално движење Хамас синоќа соопшти дека ќе ги ослободи и предаде сите израелски заложници – и живите и мртви – во согласност со предлогот на американскиот претседател Доналд Трамп.
Хамас, исто така, ја потврди својата подготвеност веднаш да започне преговори преку медијатори за деталите од договорот.
Палестинската организација, исто така, изразува и подготвеност да се откаже од контролата врз Појасот Газа и да ја предаде администрацијата на политички независно палестинско тело, се посочува во соопштението.
Хамас смета дека оние аспекти од предлогот што се однесуваат на иднината на Појасот Газа и правата на Палестинците треба да се одлучат врз основа на „едногласен палестински став“ постигнат со други фракции и врз основа на меѓународното право.
Во соопштението не се споменува разоружувањето на Хамас, клучно израелско барање вклучено во предлогот на Трамп.
Палестинската група Исламски џихад соопшти дека се согласува со ставот на Хамас за планот на американскиот претседател Доналд Трамп за прекин на огнот во Појасот Газа. Изјавата на Хамас, како што посочуваат, го одразува и ставот на другите палестински групи.
Исламски џихад соопшти дека „одговорно учествувал во консултациите што доведоа до оваа одлука“, објави Ал Џезира.