РУДАРСТВО, ПРОТИВПОЖАРНА ЗАШТИТА, ИГРИ НА СРЕЌА И СТАРТАПИ Формирани 4 нови групации при Сојузот на стопанските комори на Македонија
Формирањето на четирите нови групации е јасен сигнал за позитивните промени кои се случуваат во ССКМ насочени кон бизисот, со кои заеднички ќе креираме вредности значајни за раст и развој на македонската економија, вели преседателот на УО на ССКМ, Горан Ѓорѓиевски.
Управниот одбор во нов состав со преседателот д-р Горан Ѓорѓиевски денеска во просториите на Сојузот на стопански комори на Македонија донесе повеќе одлуки, соопшти ССКМ.
По барање на членките во коморите и потребата на бизнис секторот се формираа четири нови групации во рамките на ССКМ и тоа:
• Групација за енергетика, рударство и минерални суровини
• Групација за пожарна заштита и кризен менаџмент
• Групација за игри на среќа
• Групација за стартап компании
– Формирањето на новиот Управен одбор во Сојузот на стопански комори на Македонија во кој членуваат истакнати стопанственици предложени од Коморите, како и четирите нови групации е јасен сигнал за позитивните промени кои се случуваат во ССКМ насочени кон бизисот, со кои заеднички ќе креираме вредности во периодот пред нас, значајни за раст и развој на македонската економија – истакна Ѓорѓиевски.
На состанокот се предложија повеќе иницијативи за зајакнато меѓународно присуство на Сојузот на стопански комори на Македонија, привлекување на инвестиции, подобрувања на одредени законски решенија, зајакнување на вештините кај вработените преку професионални обуки во коморите, дигитализација, презентација на членките на ССКМ и нивните потенцијали на регионални Б2Б состаноци, посета на бизнис форуми и саемски манифестации за престојната 2026 година, се вели во соопштението на Сојузот на стопански комори на Македонија.