АМЕРИКАНСКАТА БАНКА ПРЕДВИДУВА РЕКОРДИ ЗА ЦЕНАТА НА БАКАРОТ Ќе успее ли Македонија да профитира?

Банката сега очекува бакарот да достигне просечна цена од 11,313 долари за тон во 2026 година, што е зголемување од 11% во однос на претходната проценка, и 13,501 долари во 2027 година, што е зголемување од 12,5%. Експертите предвидуваат дека ќе биде достигнат плафон од 15.000 долари за тон бакар. 

615

Банката на Америка (BofA) ги зголеми своите прогнози за цената на бакарот, укажувајќи на прекините во работата на дел од најголемите рудници во светот, но и поради зголемената побарувачка, бидејќи овој метал сѐ помалку е достапен на глобалните пазари.

Банката сега очекува бакарот да достигне просечна цена од 11,313 долари за тон во 2026 година, што е зголемување од 11% во однос на претходната проценка, и 13,501 долари во 2027 година, што е зголемување од 12,5%. Експертите предвидуваат дека ќе биде достигнат плафон од 15.000 долари за тон бакар.






Цените за третман и рафинирање на бакарот нагло се намалени со што, според Банката, се нагласува недостигот на оваа критична минерална суровина, а аналитичарите оценуваат дека основниот проблем е во недоволното снабдување со бакар од страна на рудниците. Дел од светските медиуми пишувааат дека и покрај пречките во понудата, побарувачката останува силна. Тоа се должи пред сѐ на потрошувачката на бакар во Кина поради обновата на мрежата на електродиструбуција, како и инвестициите во инфраструктура поврзана со вештачката интелигенција. Во Европа, побарувачката покажува рани знаци на закрепнување по продолжениот пад.

Дополнително, залихите на Лондонската берза за метали остануваат исклучително ниски, зголемувајќи го ризикот доколку потрошувачката дополнително се забрза. На почетокот на неделава, тримесечните фјучерси за бакар се тргуваа по 10.643 долари за тон, што е зголемување во однос на изминатиот период. Интересот за бакарот порасна откако Брисел го постави на листата нa критични минерални суровини, бидејќи без него не можат да се произведат електричните возила, соларните турбини и ветерниците, а исто така и модернизацијата на енергетските мрежи бара огромна количина на бакар. Унијата реши да ги олесни процедурите за производство на критичните минерални, за да не биде зависна од трети земји, а во меѓувреме и американскиот претседател Доналд Трамп ги олесни процедурите за ископ на бакар во САД и најави повисоки даноци за увоз, со цел да го покрене домашното производство.

Европската Унија дополнително објави и нов повик кој трае до јануари за нови стратешки рудници кои Брисел ќе ги финансира, а со цел да го зголеми ископот на бакар и други суровини.

Македонските власти со новиот Закон за рударство, кој се очекува скоро да влезе во парламентарна процедура, исто така предвидуваат признавање на стратешки проекти во рударството и изготвување на листа на критични минерали. Геолозите сметаат дека Македонија, особено истокот на земјата, лежи на бакар, па засега останува неизвесно дали државата ќе профитира, олеснувајќи ги процедурите за ископ на критичните минерални суровини налик на потезите на Унијата.

Во Македонија претходно пропаднаа неколку инвестиции во рудници за бакар, како на пример на Кожуф и во Казандол. Единствена сериозна инвестиција во рудник за бакар во моментов е онаа во Иловица, каде се проценува дека постојат 700.000 тони бакар. Во државата сега се ископува бакар само во Бучим, чиј капацитет се намалува, како и во Боров дол.

Поврзани содржини