ЛИДИЈА ТАНУШЕВСКА ЈА ДОБИ НАГРАДАТА „ДРАГИ“ НА НАЈДОБАР ПРЕВОД Награден е преводот на романот „Емпусион“ од Олга Токарчук

За наградата „Драги“ првично беа номинирани 35 прозни дела на 33 преведувачи, објавени од 18 издавачки куќи или поединци, за преводи направени од 17 различни јазици.

41

Наградата за најдобар книжевен превод на македонски јазик „Драги“ за 2025 година ја доби Лидија Танушевска, за превод од полски јазик на делото „Емпусион“ од авторката Олга Токарчук во издание на „Антолог“.

Комисијата за доделување на наградата во состав проф. д-р Анастасија Ѓурчинова, претставник од Филолошкиот факултет „Блаже Конески“, д-р Јана Михајловска, член од семејството на Драги Михајловски и Иван Шопов, претставник одбран од издавачката куќа „Антолог“, имаше пет финалисти за оваа награда.






Покрај Лидија Танушевска, меѓу финалистите беа и Ермис Лафазановски за преводот од романски јазик на „Летото во кое мама имаше зелени очи“ од Татјана Цибуљак, издание на „Три“, 2024 година; Јасминка Марковска за преводот од норвешки јазик на „Утро и вечер“ од Јун Фосе, издание на „Артконект“, 2024 година; Калина Малеска за преводот од англиски јазик на „Слобода: созревање на крајот на историјата“ од Леа Ипи, издание на „Или-или“, 2024 година и Милан Дамјановски за преводот од англиски јазик на „Десет раскази“ од О. Хенри, издание на „Светла комора“, 2024 година.

– При преведувањето на романот „Емпусион“, Лидија Танушевска мошне успешно се справува со сложениот и сериозен предизвик на пренесување на стилските особености, јазичните структури, но и културолошките слоеви од полскиот оригинал во македонскиот превод. Забележливо е вниманието што преведувачката го посветила на авторскиот стил, ритам и лексика, на тоновите, нијансите и контекстите, трудејќи се автентично да ја вклопи во ткаењето на македонски јазик сложената наративна граѓа на Токарчук, проникната со многубројни рефлексии од филозофијата, психоанализата, општествено-историските процеси и феминизмот. Танушевска преведува мудро и внимателно, водејќи истовремено сметка и за необичноста на оригиналниот текст, но и за чувствителноста на „увото“ на македонскиот читател, кому му овозможува увид во еден комплексен книжевен свет, но истиот му го доближува низ артикулиран, богат, во голема мера очудувачки, а сепак „мазен“ и непречен јазичен тек – се наведува во образложението на жири-комисијата.

Од жири-комисијата потенцираат дека годинава имале посебно тешка задача затоа што бил голем бројот на квалитетни преводи на значајни дела од светската книжевност .

– Ова можеби најмногу се однесува на преводите на петте финалисти. Сите понудија успешни и иновативни преведувачки решенија, помеѓу кои не беше воопшто лесно да се одбира. Меѓутоа, како членови на комисијата ни беше вистинско задоволство што сведочевме на сè повисокиот квалитет на преведувачката продукција на македонски јазик и на сè посериозниот пристап на издавачите и преведувачите кон дејноста на преведувањето, за што се надеваме дека, барем малку, придонесува и востанувањето на наградата „Драги“ – велат од жири-комисијата.

За наградата „Драги“ првично беа номинирани 35 прозни дела на 33 преведувачи, објавени од 18 издавачки куќи или поединци, за преводи направени од 17 различни јазици.

Наградата за најдобар превод на македонски јазик „Драги“ беше воспоставена во 2022 година, а првото почесно признание му беше доделено на Драги Михајловски (1951 – 2022), македонски писател, преведувач, есеист и универзитетски професор. Освен со прозните дела, Михајловски остави трајна трага во македонската култура со преводите на делата од Шекспир, Милтон, Шели, Китс, Блејк, Елиот, Милтон итн. Објави и неколку студии и есеи од областа на теоријата на преводот, а со своите ставови за преводот влијаеше и на студентите на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје, каде што беше професор.

Поврзани содржини