ДИГИТАЛНА РЕВОЛУЦИЈА ЗА МАКЕДОНИЈА Премиерот најави целосен дигитален идентитет за граѓаните
Македонија ќе воведе целосен дигитален идентитет за граѓаните и сите јавни услуги ќе бидат онлајн до крајот на мандатот.
Премиерот Христијан Мицкоски, денеска го отвори Западнобалканскиот дигитален самит 2025 во Скопје, каде што покрај него присуствуваа претставници на Европската Унија, министри од регионот и бројни експерти од областа на технологијата. Самитот има за цел да ги промовира дигиталните иновации и да ја истакне важноста на дигитализацијата како мотор за економски развој и подобрување на квалитетот на животот на граѓаните.
– Добредојдовте во Скопје! Денес не зборуваме само за технологии, туку за тоа како дигитализацијата ја менува иднината на нашите граѓани, бизниси и држави. Западен Балкан не смее да биде заостанат агол на Европа. Нашата иднина е поврзаност, иновации и знаење – истакна Мицкоски.
Премиерот нагласи дека дигитализацијата не е прашање на избор, туку на опстанок и напредок. Тој потенцираше дека со дигитализацијата ќе се намали бирократијата, ќе се овозможи побрз и поефикасен пристап до услуги за граѓаните, ќе се создаде еднаквост помеѓу оние со и без пристап до информации, а малите компании ќе добијат можност да се натпреваруваат на глобалната сцена.
– Дигитализацијата е економска моќ. Таа отвора пазари, носи нови инвестиции и ја зголемува конкурентноста. Во иднината ќе има само два вида на компании – дигитални и оние што повеќе не постојат – рече Мицкоски, додавајќи дека целта е Македонија да стане центар на дигитални иновации во регионот и земја која ќе привлече инвеститори и ќе задржи таленти.
Како значаен пример за напредок, премиерот го презентираше дигиталниот паричник „М-Услуги“, кој ќе овозможи сите документи и услуги на едно место, со целосна транспарентност, безбедна размена на податоци и брз пристап до јавни услуги.
Мицкоски потенцираше дека дигитализацијата е за граѓаните: мајките кои сакаат побрзо да ги запишат децата во градинка, пензионерите кои сакаат лесно да ја добијат својата пензија, студентите кои сакаат пристап до знаење и книги онлајн, како и за компаниите кои сакаат развој и конкурентност.
Во дел од говорот, премиерот се осврна и на своето професионално искуство со алгоритми и вештачка интелигенција, нагласувајќи дека знаењето стекнато надвор од државата ќе го користи за да ја позиционира Македонија како лидер во дигиталната трансформација на регионот.
– До крајот на овој мандат, сите јавни услуги ќе бидат достапни онлајн. Секој граѓанин ќе има дигитален идентитет и пристап до сите институции преку мобилен телефон. Нашата цел е да изградиме генерации со дигитални вештини и систем за сајбер-безбедност што ќе гарантира доверба во дигиталното општество – нагласи Мицкоски.
Самитот во Скопје е симбол на регионалната соработка и пријателството со Европската Унија, а дигитализацијата, како што рече премиерот, е мост кон Европа, штит против корупцијата и шанса за изградба на поефикасна и поправедна држава.