ЗА 20 ГОДИНИ МАКЕДОНИЈА МОЖЕ ДА ИМА ПОД МИЛИОН ЖИТЕЛИ Мицкоски порача дека многудетно семејство е највисок патриотски чин
За 20 години се плашам дека ќе бидеме држава под 1 милион жители и тогаш ќе имаме на еден пензионер, еден вработен. Тоа значи колапс за пензискиот фонд, тоа значи колапс за здравствениот фонд, предупреди Мицкоски.
Формирањето многудетно семејство е највисок патриотски чин на еден народ за сопствената татковина, порача денеска премиерот Христијан Мицкоски на настанот Демографски трендови – Заедничка акција за инвестирање и искористување на човечкиот капитал преку петгодишната програма на Владата и Фондот за население на Обединетите нации (УНФПА).
– Според последниот попис сме над 1,8 милиони жители. Имаме отприлика над 700.000 редовно вработени и околу 350.000 пензионери. Реално присутно население, според сите проценки, не надминува од 1,5 милиони. За 20 години се плашам дека ќе бидеме држава под 1 милион жители и тогаш ќе имаме на еден пензионер, еден вработен. Тоа значи колапс за пензискиот фонд, тоа значи колапс за здравствениот фонд – рече Мицкоски.
Според него, секој оној кој не разбира колку е ова сериозно не ѝ мисли добро на државата.
– Нека ме нарекуваат конзервативен, заостанат како сакаат нека ме нарекуваат, но ова мора биде прв приоритет на оваа Влада и на сите следни влади, а тоа се многудетни семејства. Јас би сакал кон сите македонски граѓани да упатам јасна порака – формирањето семејство, формирањето многудетно семејство е највисок патриотски чин на еден народ за сопствената татковина. Без разлика на верската, на едничката припадност – многудетното семејство значи иднина – рече Мицкоски. Оваа програма, како што нагласи, е потврда дека не сме сами, дека имаме пријатели и партнери во светот, но и дека одговорноста е на сите нас да ги сочуваме нашите луѓе, да ги поддржиме младите, да го сочуваме семејството и да ја обезбедиме иднината на Македонија.
Мицкоски рече дека демографската рецесија не е нов феномен, таа трае повеќе од 70 години. Од 1950 година па до денес бројот на новородени деца постојано опаѓа. Во 1950 година во Македонија имало над 50.000 новородени бебиња, а во 2024 година има само околу 16.000 новородени бебиња.
– Овој пад има две главни причини: прво, иселувањето на младите луѓе и второ, намалениот наталитет и фертилитет. Владата е свесна за сериозноста на ова прашање и веќе работи на неколку линии. Создадовме највисок економски раст на Балканот – тоа значи нови работни места, поголеми плати и поголеми можности за младите. Инвестираме во иднината на семејствата: шест бесплатни обиди за ин витро оплодување, со забрзана процедура, сето тоа на товар на Фондот, зголемивме од три на шест. Бесплатни учебници за учениците – затоа што образованието е темел на демографскиот раст. Нови градинки во повеќе градови – за да им помогнеме на родителите. Поддршка за мајките, за децата и за семејствата, преку нови социјални и економски мерки – додаде Мицкоски.
Тој нагласи дека овој проблем не е изолиран само кај нас. Денес со него се соочува целата Европа и пошироко, Балканот, Европската Унија, САД, Канада, Австралија, Источна Азија, а симптоматично е што најразвиените и најбогатите земји се најпогодени.
На настанот зборуваа и директорката на УНФПА за регионот на Источна Европа и Централна Азија,Флоренс Бауер, министерот за социјална политика, демографија и млади,Фатмир Лимани, и постојаната координаторка на ОН во Северна Македонија, Рита Колумбија.