ПРОДАНОСКИ НАЈАВУВА КРАЈ НА МЕТЕЖОТ ВО ПРИЛЕП Новите обиколници ќе донесат почист воздух и инвестиции

Проданоски најави изградба на современи сообраќајни решенија што ќе го растоварат центарот, ќе го намалат загадувањето и ќе донесат нови инвестиции.

245

Кандидатот за градоначалник на Прилеп од коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ, Дејан Проданоски, вети дека изградбата на двете обиколници, „Исток“ и „Запад“, ќе биде меѓу неговите најголеми приоритети, со што конечно ќе се реши долгогодишниот проблем со сообраќајниот хаос во центарот на градот.

– Нашата програма не е само лист хартија и празно ветување. Тоа се реални проекти за подобар живот на прилепчани. Со обиколниците ќе го растовариме центарот, ќе го намалиме загадувањето и ќе обезбедиме побезбеден и современ сообраќај – изјави Проданоски.






Тој потенцираше дека изградбата на овие инфраструктурни решенија ќе отвори и нови перспективи за економски развој.

– Со реализација на овие два проекти, ќе се реши еден од најголемите проблеми на Прилеп – сообраќајниот метеж. Но уште поважно, ќе се создадат услови за нови инвестиции и отворање на работни места. Бизнисот ќе добие полесен пристап до автопатот, а тоа значи развој и нова енергија за градот – нагласи Проданоски.

Обиколницата „Исток“ ќе биде долга 1,6 километри и широка 5,5 метри, а ќе ја поврзува клучката за новиот автопат со стариот пат кон вештачкото езеро. „Западната“ обиколница, пак, ќе биде капитален проект со должина од 4,5 километри и профил од 26 метри, кој ќе вклучува коловозни ленти, велосипедски и пешачки патеки, како и два надвозници и еден мост.

– Сообраќајот е движечка сила на економијата, а ние ќе му дадеме модерен и функционален облик. Прилеп го заслужува тоа. Да направиме вистински избор, за твојот човек, за твоето место, за твојата иднина – порача Проданоски пред прилепчани.

Поврзани содржини