МАЈКА ОД ПЕКОЛОТ, СКАНДАЛИ И СЕМЕЈНИ ТРАУМИ Што навистина се случувало во семејството Хадид
Јоланда Хадид со години важи за контроверзна мајка – од изгладнување на ќерките до мешање во нивните врски. Денес вели дека се покајала, но сенките од минатото сè уште тежат врз нејзиното семејство. Дознајте каков однос има со своите ќерки денес Јоланда Хадид, која честопати ја нарекуваа мајка од пеколот.
Кога ќе се спомне семејството Хадид, најчесто асоцијацијата е на супермоделите Џиџи и Бела, на насловните страници и модните писти. Но, зад гламурот се крие тешка животна приказна. Бела, нејзиниот брат Анвар и мајка им Јоланда со години се борат со Лајмска болест – хронична состојба која им го отежнува секојдневието и во голема мера ги обликува нивните животи.
Бела во повеќе наврати зборувала за исцрпувачките симптоми – замор, „магла во мозокот“, здравствени кризи кои ја принудувале со месеци да ја паузира кариерата. На социјалните мрежи често објавува фотографии од болница, а во тие моменти најголема поддршка вели, ѝ била мајка ѝ – и покрај контроверзиите што ја следат.
Јоланда Хадид – од манекенка до „мајка од пеколот“
Јоланда Хадид, поранешна манекенка и ријалити ѕвезда, се омажила со бизнисменот Мохамед Хадид и добила три деца: Џиџи, Бела и Анвар. Иако во јавноста често се претставуваше како посветена мајка, многумина ја опишуваа како премногу строга, контролирачка и манипулативна.
Нејзиното мешање во љубовниот живот на своите деца е добро познато. Се шпекулираше дека не го одобрувала изборот на Анвар – врската со пејачката Дуа Липа, па дури објавувала семејни фотографии каде што пејачката била исечена.
Бела Хадид – од операција на 14 години до депресија
Бела уште од рана возраст чувствувала притисок од својата мајка. На само 14 години направила операција на носот, за што многумина веруваат дека било под мајчин притисок. Постојаните споредби со постарата сестра Џиџи довеле до чувство на несигурност, зависност и борба со депресија и анксиозност.
Манекенката самата изјавила: „Не можам да поднесам кога некој не е задоволен со мене.“ – зборови кои откриваат колку длабоко ја погодиле очекувањата и критиките.
Џиџи Хадид – фаворизираната ќерка со свои трауми
Иако многумина сметаат дека Џиџи била миленичка на Јоланда, таа исто така го почувствувала мајчиниот притисок. Најпознат пример е нејзината врска со пејачот Зејн Малик. И покрај тоа што парот сакал приватност и заштита на својата ќерка Каи, Јоланда го игнорирала нивниот избор, што довело до конфликти и на крајот до крај на врската.
Џиџи ги издржала и строгите режими на исхрана на Јоланда. Во една прилика, кога ѝ се пожалила на мајка си дека се чувствува лошо затоа што не јадела ништо со денови и дека речиси се онесвестила, Јоланда едноставно ѝ одговорила: „Јади бадеми.“
Гламур со цена
Однадвор, семејството Хадид е симбол на успех, но зад сцената се кријат семејни трауми, борба со болести и конфликти со „мајката од пеколот“. Денес, Бела и Џиџи важат за врвни модели, но нивните успеси се проследени со сенки на минатото, додека Анвар сè уште се обидува да го најде своето место.
Јоланда Хадид можеби денес се кае за своите постапки, но прашањето останува: дали вистинскиот успех вреди толку висока цена?