ФИНАНСИСКИОТ СЕКТОР Е ВО ДОБРА ФОРМА Банките фондовите и осигурителните друштва се стабилни и отпорни на шокови

Во Извештајот се оценува дека банкарскиот систем ја задржа стабилноста, зголемувајќи ја адекватноста на капиталот до највисокото ниво досега, ликвидносната позиција уште повеќе се подобри, а се одржа и добриот квалитет на кредитното портфолио.

27

Финансискиот систем ја одржа стабилноста, добро се справи со предизвиците и е отпорен на шокови, оцени Советот на Народна банка (НБ) во Извештајот за 2024 година.

„Сите сегменти на пазарот – од банкарскиот систем, преку приватните пензиски и инвестициски фондови, осигурителниот сектор, до помалите институции како штедилниците и друштвата за лизинг – ја задржаа својата стабилност, покажувајќи добра отпорност на шокови и способност за приспособување на промените во економското и регулаторното окружување. Финансиските институции работеа во услови на умерено забрзан економски раст и постепено намалување на инфлацијата, додека геополитичкото опкружување остана нестабилно, носејќи со себе неизвесност и зголемени ризици“, оценува Советот на НБ.






Во Извештајот се оценува дека банкарскиот систем ја задржа стабилноста, зголемувајќи ја адекватноста на капиталот до највисокото ниво досега, ликвидносната позиција уште повеќе се подобри, а се одржа и добриот квалитет на кредитното портфолио.

Мерките што ги донесе Народната банка помогнаа за понатамошно јакнење на отпорноста на банкарскиот сектор.

Приватните пензиски фондови во 2024 година, остварија повисоки номинални и реални стапки на принос.

„Ризиците за финансиската стабилност од приватните пензиски фондови засега се ограничени поради сѐ уште младото членство на фондовите и минималните исплати врз основа на пензии“, се наведува во извештајот.

Советот оцени и дека се ограничени ризиците од осигурителниот сектор, кој одржува соодветна солвентност и ликвидност и солидна профитабилност.

Останатите сегменти на финансискиот систем се значително помали, а во 2024 година се издвојуваат отворените инвестициски фондови, кои остварија висок раст на средствата од над 60%, кој се должи на привлекувањето нови инвеститори и/или нови средства во отворените инвестициски фондови, но и на управувањето со средствата.

Во Извештајот се оценува дека ризиците од нефинансискиот сектор се умерени со оглед на добрата финансиска позиција на домаќинствата и на корпоративниот сектор и ниската стапка на нефункционални кредити во кредитното портфолио на банките.

„Задолженоста на двата нефинансиски сектора расте во 2024 година, и е во рамки на праговите на ранливост и на двата сектора, сепак со долгот треба внимателно да се управува за да се одржи во истите рамки и во следниот период“, се вели во Извештајот.

Поврзани содржини