БРЗАТА ПРУГА ЌЕ ПОЧНЕ ДА СЕ ГРАДИ СЛЕДНАТА ГОДИНА Николоски очекува приходите на железницата да пораснат од 12 на 120 милиони евра

Министерот за транспорт очекува брзата пруга да овозможи изградба на силна економска зона од двете страни на пругата и истовремено да им даде шанса на грчките пристаништа да се поврзат со Европа.

1,272

Брзата пруга е планирано да почне да се гради следната година и да биде завршена за 5 години. Покрај неа ќе се развие економска зона и поврзување со грчките пристаништа и Европа, што ќе ѝ даде посебен поттик на македонската економија, а ќе ја подобри и соработката на економиите на Македонија и Грција. Ова меѓу другото го изјави министерот за транспорт Александар Николоски во интервју за МИА направено по средбите во Грција.

Николоски во Грција имаше средби со вицепремиерот на Грција Костис Хаѕидакис, со министерот за инфраструктура и транспорт Христос Димас, со алтернативниот министер за инфраструктура и транспорт надлежен за железничкиот сообраќај Константинос Киранакис, како и со менаџментот на пристаништето Пиреа.






– Од наша страна ние планираме да градиме од граница до граница, значи од границата со Србија до границата со Грција. Се надевам дека следната година ќе почнеме со работа и рокот би бил пет години од почетокот на работата, што значи некаде 2031-2032 година би требало да биде завршена. На грчка страна нешто понапред е ситуацијата. Атина-Солун веќе има брза пруга која оди северно од Солун накај Аксиос. Од таму до границата со Македонија, до Гевгелија остануваат 50-ина километри за кои што добив ветување и на двете средби и со министерот за транспорт и со алтернативниот министер за транспорт, одговорен токму за железницата, дека ќе почнат да работат и да градат. Следната година почнуваат и тие, така што на тој начин двете држави ќе се поврзат – вели Николоски.

Тој очекува да се потпише петпартитен договор помеѓу Македонија, Грција, Србија, Унгарија и Австрија за соработка на Коридорот 10.

– Тој веќе беше подготвен и беше готов за потпишување уште минатата година, но поради политичката нестабилност што настана во Србија се одложи и сега повторно го враќаме на мапа и би сакале да го потпишеме и на тој начин да ја имаме и формализирано оваа соработка на петте земји што се на Коридорот 10 – вели Николоски.

Според него, брзата пруга треба да овозможи изградба на силна економска зона од двете страни на пругата и истовремено да им даде шанса на грчките пристаништа да се поврзат со Европа.

– За нашата економија овие две пристаништа се клучни. Тие се природни пристаништа особено солунското пристаниште што е многу блиску до нас и до нашите економски субјекти. Развојот на инфраструктурата, особено на железничката многу ќе ја крене економијата во Македонија и изградбата на брзата пруга, пред сè, ја има таа моќ, затоа што очекуваме една голема економска зона да се изгради лево и десно од коридорот по кој ќе поминува брзата пруга. Од друга страна брзата пруга е витална, клучна за јужните европски пристаништа, во случајот двете најголеми грчки пристаништа Пиреа-Атина и Солун, затоа што доколку успеат за два ипол дена да бидат од Пиреа во Будимпешта или во Виена тоа целосно ќе го промени бизнисот, тоа ќе значи една целосна промена на филозофијата на бизнис – вели Николоски.

Николоски вели дека брзата пруга ќе ги зголеми приходите на железницата од 12 на 120 милиони евра и многу повеќе кога ќе се развие соработка со останатите грчки пристаништа.

– Предвидувањата на експертите се дека со изградбата на брзата пруга тоа ќе биде 120 милиони евра, значи десет пати нагоре, а ако оди десет пати нагоре тоа ќе значи многу, многу повеќе работа и за атинското и за солунското пристаниште. На среден рок размислуваме и за соработка со пристаништето во Кавала, со пристаништето во Игуменица на западниот дел на Грција и со пристаништето во Александруполи во источниот дел, така што имаме бројни можности за соработка – појаснува Николоски.

Како мошне значајно за економиите на двете земји Николоски ги посочи отворањето на коридорот 10д преку граничнот премин Меџитлија на што земјава работи, како и изградбата на гасниот интерконектор и пуштањето на продуктоводот Скопје-Солун.

Доброто инфраструктурно поврзување, вели Николоски, ќе го зголеми инвестирањето на приватниот бизнис во двете земји.

Поврзани содржини