СТРАШНИ СЦЕНИ НА КОЖУФ И НА ДОБРАВОДА Пожарите сè уште активни, пламенот ги голта шумите

Два пожари сè уште беснеат во Гевгелија и Македонски Брод, четири се ставени под контрола, а останатите 28 се изгаснати, Македонија под силен оган и аларм на ЦУК.

1,343

На територијата на Македонија, според податоците на Центарот за управување со кризи (ЦУК), до утринава во 07:00 часот биле регистрирани вкупно 34 пожари на отворен простор. Од нив, два сè уште се активни, четири се ставени под контрола, додека останатите 28 се изгаснати.

Најсериозната состојба се бележи на Кожуф планина, кај селото Петрово во општина Гевгелија, каде што огнот зафатил букова шума и сè уште претставува опасност за поширокиот предел. Вториот активен пожар е на планината Добравода во општина Македонски Брод, каде пламените јазици гореа ниска вегетација и натаму се шират, и покрај напорите на пожарникарите и локалното население.






Пожарите под контрола се лоцирани во неколку општини. Во Трубарево, во општина Гази Баба, беше зафатен електричен отпад, додека друг пожар се појави во Виниче, на локалитетот Муратица, каде што гореше нискостеблеста шума. Во Батинци, општина Студеничани, огнот зафати ниска вегетација и мешана шума, а во општина Кочани беше изгаснувана депонија во село Бали. Иако засега се ставени под контрола, надлежните предупредуваат дека овие жаришта можат лесно повторно да се разгорат.

Голем дел од вчерашните пожари, вкупно 28, биле успешно изгаснати низ целата држава. Во Скопскиот регион огнот зафати ниска вегетација, ѓубре и шумски површини кај селата Св. Петка, Бојане и Моране, како и на булевар „Словенечка“ во близина на аквадуктот, во Горн Лисиче и на улица Јоаким Крчовски во Центар. Во источниот дел на државата беа изгаснати пожари во Делчево, Штип и Кочани, а во западниот дел беа зафатени повеќе локации во Тетово, Јагуновце, Брвеница и Гостивар.

Во полошкиот регион, пожарите беа особено чести – од депонии и ниска вегетација во Џепчиште и Јагуновце, до грмушки и шума во селата Степче и Брвеница. Пожар зафати и муслимански гробишта во Гостивар, како и површини кај Тумчевиште и Добри Дол. Огнот гореше и во Жировница и Врбјане во Маврово и Ростуше, каде беа зафатени делови од ниска шума.

Југоисточниот регион не остана поштеден – во Крушево гореше стрниште кај селото Свето Митрани, во Босилово беше зафатена ниска вегетација во Бориево, а во Радовиш и Струмица беа зафатени селата Ињево, Дедино и Пиперево. Слична состојба имаше и во охридско-струшкиот регион, каде пламените јазици ја зафатија ниската вегетација и ѓубрето во Лубаништа, како и стрништа и треви кај селото Долна Белица.

Дебар се соочи со пожар на планината Велебрдо, каде гореше ниска вегетација, додека во Прилеп беа зафатени новите градски гробишта. Велешките села Папрадиште и Иванковци, пак, беа погодени од пожари што зафатија нискостеблеста и мешана шума. Во Битола гореше трска кај селото Лажец, а во Крива Паланка пожарот во селото Луке зафати ниска вегетација.

Иако најголемиот дел од пожарите се изгаснати, надлежните апелираат на претпазливост и внимателно однесување на граѓаните, бидејќи временските услови и сувата вегетација создаваат висок ризик од нови пожари.

Поврзани содржини