„ЈОН ВАРДАР ПРОТИВ ГАЛАКСИЈАТА“ ОД КИНА, ПРЕКУ ГЕРМАНИЈА ДО РОМАНИЈА Првиот македонски долгометражен цртан ќе биде прикажан на три престижни фестивали
„Јон Вардар против галаксијата“ досега беше прикажан на фестивалите „Ситџес“ во Шпанија, „Киненова“ во Македонија и „Мостра Сао Паоло“ во Бразил, а во наредните недели патува на три престижни фестивали во Кина, Германија и Романија. Од 1 ноември, филмот ќе почне да се прикажува во македонските кина.
Првиот македонски долгометражен анимиран филм, „Јон Вардар против галаксијата“ е хумористична приказна за еден натпросечно потпросечен човек, еден нарцисоиден робот и многу вонземјани кои се во мисија да ја спасат галаксијата од самите себеси.
Режијата е на Гоце Цветановски, арт директор е Михајло Димитриевски – Тхе Мичо, а директор на анимација е Димитар Ѓоргиев.
Продуценти на филмот се Алан Кастиљо, Ева Конрад, Браќа Калинови и Ладо Шкорин.
Во главните улоги настапуваат Жарко Димоски, Дамјан Цветановски и Емилија Мицевска. Другите улоги ги толкуваат Филип Трајковиќ, Тони Денковски, Атанас Атанасовски, Слаѓана Вујошевиќ, Мартин Ѓоргоски, Елена Тарчуговска и Бојана Тосковска.
Филмот кој е најголемиот анимациски копродукциски проект на Балканот, е изработен со финансиска поддршка од Агенцијата за филм на Македонија, а има копродукции во Унгарија, Бугарија и Хрватска.
„Јон Вардар против галаксијата“ досега беше прикажан на фестивалите „Ситџес“ во Шпанија, „Киненова“ во Македонија и „Мостра Сао Паоло“ во Бразил, а во наредните недели ќе биде прикажан на три престижни фестивали – Меѓународниот филмски фестивал на патот на свилата (Silk Road International Film Festival) во Кина, Фестивалот за детски и младински филмови Шлингел (SCHLiNGEL International Film Festival for Children and Young Audiences) во Германија и Галактички Имагинариум (Galactic Imaginarium) во Романија.
„Silk Road International Film Festival“ е еден од најголемите културни настани во Азија и вистинска раскрсница на светските кинематографии. На неговите досегашни изданија учествувале големи имиња како Лук Бесон, Асгар Фархаади, Софи Марсо. Амос Гитаи и Џеки Чен.
Со своето 30-то јубилејно издание, SCHLiNGEL е еден од најголемите и најзначајни европски фестивали за детски и младински филм. Таму се прикажуваат внимателно селектирани остварувања што ја слават креативноста и разновидноста во светското детско кино.
Романскиот Galactic Imaginarium пак, се одржува во Тимисоара и е специјализиран фестивал за фантастика и научна фантастика.
– Неверојатно е чувството да видиш како една македонска приказна за помалку од две недели патува од Кина, преку Германија, па сè до Романија. Овие три фестивали се различни по својот карактер – еден е светски гигант, другиот е европска институција за детска публика, а третиот е специјализиран за фантастика. За мене тоа е доказ дека филмот зборува универзален јазик. Се надевам дека публиката насекаде ќе ја почувствува истата радост и возбуда како и ние кога го создававме, вели режисерот Гоце Цветановски.
Од екипата на филмот најавуваат дека во октомври ќе бидат објавени уште нови фестивалски селекции и дека меѓународното патување на „Јон Вардар против Галаксијата“ продолжува.
„Јон Вардар против Галаксијата“ досега е прикажан на голем број фестивали ширум светот, а освои и две меѓународни награди за најдобар анимиран филм во Италија и Еквадор. Во август филмот имаше премиера и на 11. издание на Bakunawa Film Festival во Манила, Филипини.