АПАСИЕВ ЗЕЛ НАД 700.000 ДЕНАРИ ОД ПАРТИЈАТА Манасиевски тврди дека лидерот на Левица ги користел парите за лични потреби
Манасиевски тврди дека Апасиев, кој се претставува како скромен човек, преку годините земал над 700.000 денари од партиската каса за приватни потреби, а јавноста останува во шок од лицемерието на лидерот на Левица.
На прес-конференција денес, Валентин Манасиевски, член на Централниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, изнесе серија обвинувања против лидерот на партијата Левица, Димитар Апасиев, тврдејќи дека тој во текот на годините земал над 700.000 денари од партиската каса за свои приватни потреби.
– Димитар Апасиев, кој пред јавноста се претставува како чесен и скромен човек, всушност земал над 700.000 денари од касата на Левица за приватни цели. Лицемерието на Апасиев и неговата партија е огромно. Од една страна глумат скромност пред камерите, а од друга – ја молзат и цицаат партијата, правејќи стотици трансакции за лични потреби – изјави Манасиевски.
Тој со јавноста сподели конкретни трансакции.
– Имено, на ден 17.03.2023 година, Апасиев земал 52.000 денари нето, од партиската каса за приватни цели, можеби ја реновирал кујната. На 14.04.2022 година, земал 25.480 денари, потоа на 12.07.2022 година, земал 27.300 денари, па на 19.08 истата година – 24.050 денари, и така натаму и така натаму, за да Апасиев достигне до сума над 700 илјади денари средства земени во неговиот џеб од сопствената партија – рече Манасиевски.
Тој додаде дека крајно лицемерно е Апасиев да глуми жртва и скромност пред јавноста, додека во позадина краде од Буџетот на својата партија.
– Парите што граѓаните ги донираат на Левица, тој ги користи за свои лични цели. Замислете ваков човек да добие можност да води општина, град или влада – буџетот ќе се потроши рекордно брзо – вели Манасиевски.
Според Манасиевски, оваа пракса на Апасиев ја доведува во прашање довербата на граѓаните во политичарите и правдата на партиските системи.