ПОМОШ ЗА „МАКПРОГРЕС“ ПО ПОЖАРОТ ПОНУДИЛЕ КОМПАНИИ, ГРАЃАНИ И ИНСТИТУЦИИ Производството на наполитанки и вафли се очекува да почне за два месеца

Стопанската комора иницира кампања за засилена продажба на производите на „Макпрогрес“ – под бендовите Винчини, Сончева долина, Натура, Дониа, Фантазија, како и голем дел од производите кои се произведуваат под приватни трговски марки на водечките малопродажни синџири на маркети во Македонија. 

91

Помош, поддршка и солидарност  за„ Макпрогрес“ понудиле голем број домашни компании и маркети, деловни партнери и странски инвеститори, институции и медиуми, како и поединци, откако минатата недела во пожар беа уништени производствени погони на фабриката.

Благодарност за поддршката им изрази првиот човек на оваа компанија, Глигор Цветанов, кој на  денешниот работен состанок со бизнисмени од трговскиот сектор во  Стопанската комора на Македонија зборуваше за идната стратегија за обнова на производството.






Комората иницира кампања за засилена продажба на производите на Макпрогрес – под бендовите Винчини, Сончева долина, Натура, Дониа, Фантазија, како и голем дел од производите кои се произведуваат под приватни трговски марки на водечките малопродажни синџири на маркети во Македонија.

Цветанов информира дека групацијата има широк асортиман на кондиторски брендови и вкупно 650 вработени. Од пожарот се погодени над сто вработени кои нема да бидат отпуштени туку се прераспределени во други погони.

Во однос на динамиката за возобнова на погоните, Цветанов соопшти дека преговарале за набавка на нова опрема и за банкарски кредит. Планираат за два месеца да биде оспособена производна хала која постои во близина на фабриката и е 80% подготвена за производство. Со набавка на половна опрема, рече, таа ќе може да работи привремено 6 месеци. Имаат ветување за нова опрема за производство на наполитанки и вафли за што се преговара со реномирана швајцарска компанија.

– Мислам дека ако биде се во ред, до крајот на декември ќе ја имаме опремата. На пазарот со овој производ најрано ќе бидеме на средината или крајот на јануари … Има сериозно оштетување на зградата и немаме пристап до неа, така што не би можел да кажам колку време ќе биде потребно, прво да се ослободи, па  да се направат испитувања, а потоа и проект, особено за енергетика. И таа фабрика потоа ќе ја обновиме за некој нов тип производи. Со редовните производи најдоцна за 6 месеци ќе бидеме комплетни. Брзо се преориентиравме и од понеделник почнуваме со 90% од асортиманот да го имаме за сите наши клиенти – и за домашен пазар и за извоз – рече Цветанов.

Тој додаде дека  комплетно ќе се посветат на домашниот пазар и производите ќе ги продаваат по пониски и по акциски цени зашто целта во наредните месеци, рече, нема да им биде профит туку обнова на капацитетите и да се задржат на работа повеќе од 100 вработени од трите производствени линии погодени од пожарот, кои во моментов се прераспоредени на други работни места.

Како што рече, тимот на нивната компанија е мотивиран да ја обнови соработката со сите големи синџири на маркети за да ги продаваат нивните производи, при што посочи дека со поголем дел од нив „Макпрогрес“ има одлична соработка, освен со неколку со кои не соработуваат.

Покрај во наши маркети, нивните производи се застапени во 62 држави на сите континенти – преку директна соработка со маркети или преку дистрибутери. Најсилен пазар им е Централна и Југоисточна Европа, во западна Европа – силен пазар им е и Италија, а во последните три години интензивно се шират на пазарите во Германија.

Во однос на пожарот, Цветанов посочи дека тој не е почнат од нивната фабрика, дека истрагата трае за што, рече, има голема документација.

-Додека надлежните не излезат со официјални причини, не можеме да излегуваме со никакви шпекулации. Светла точка од катастрофалниот пожар е што нема жртви и што сите наши вработени беа безбедно евакуирани- додаде Цветанов.

Претседателот на СКМ Бранко Азески истакна дека Стопанската комора „стопроцентно стои зад Макпрогрес“ и, како што рече, тоа ќе го преточат со низа иницијативи. Во име на Владата апел до домашните компании за солидарност упати и заменик-министерот за економија Марјан Ристески кој присуствуваше на состанокот во Комората.

Поврзани содржини