ЕП ОДБИ ДА МУ ОДДАДЕ ПОЧИТ НА ЧАРЛИ КИРК Европратениците се поделија околу минута молк
Одбивањето на Европскиот парламент да одржи минута молк во чест на Чарли Кирк предизвика жестоки реакции во Стразбур, додека Европската комисија изрази сочувство и го осуди политичкото насилство.
Големи реакции предизвика денеска одлуката на Европскиот парламент во Стразбур да не одржи минута молк во чест на убиениот американски политички активист и близок сојузник на Доналд Трамп, Чарли Кирк.
Пред почетокот на гласањето, европратеникот Чарли Вајмерс од групата Европски конзервативци и реформисти (ЕЦР) побара Парламентот симболично да му оддаде почит на Кирк и јавно да го осуди атентатот.
– Убиството на политичкиот активист Чарли Кирк, сопруг, грижлив татко и патриот, го шокираше светот. Мораме силно да го осудиме политичкото насилство и реториката што поттикнува омраза. Ве молам, станете со мене во знак на почит и молитва во негова чест. Остатокот од моето време го посветувам на едноминутниот молк – изјави Вајмерс.
Но неговото барање веднаш беше прекинато од потпретседателката на Европскиот парламент, Катарина Барли, која претседаваше со седницата. Таа потсети дека претседателката на ЕП, Роберта Мецола, веќе одбила предлог денешното заседание да започне со минута молк.
Оваа одлука предизвика бурни реакции од десничарските и екстремно десничарските европратеници кои удираа по клупите и извикуваа негодувања. Истовремено, потегот на Барли беше поздравен со аплауз од редовите на центристичките и левичарските групи.
– Веќе разговаравме за ова и знаете дека претседателката рече „не“ на едноминутен молк – истакна Барли.
Прашањето за убиството на Кирк беше отворено и на редовната прес-конференција на Европската комисија. Главната портпаролка на ЕК, Паула Пињо, во одговор на новинарско прашање истакна дека Европската Унија остро го осудува насилството.
– Она што можам да кажам и во име на претседателката Урсула фон дер Лајен, е дека Европската Унија ги осудува сите форми на насилство и им изразува искрено сочувство на семејствата на жртвите од овој трагичен инцидент. Се надеваме дека сторителите ќе бидат изведени пред лицето на правдата – рече Пињо.