РОБОТОТ ВОЛИ ЌЕ ИМ ПОМАГА НА ДЕЦАТА СО ПОПРЕЧЕНОСТ Србија набави 11 роботи за училиштата

Тој може да зборува, но исто така го привлекува вниманието со својата невербална комуникација, движењата што ги прави додека изговара дадени реченици и одговара на прашања. Од гледна точка на децата, Воли е паметна играчка, од перспектива на наставникот - паметна алатка за учење, сојузник во наставата.

289

Со доаѓањето на хуманоидниот робот Воли во училниците, во Србија ќе започне нова ера на инклузивно образование, во чекор со современата пракса во светот. Воли е веќе докажан асистент во образовната пракса во поразвиените земји, кого децата го обожаваат, а ја олеснува работата на наставниците, пишуваат српските медиуми.

Министерството за образование на Србија ќе им додели 11 вакви роботи на училиштта кои се ресурсни центри за поддршка на инклузијата.






Всушност, роботот е управуван од наставниците. Тој може да зборува, но исто така го привлекува вниманието со својата невербална комуникација, движењата што ги прави додека изговара дадени реченици и одговара на прашања. Од гледна точка на децата, Воли е паметна играчка, од перспектива на наставникот – паметна алатка за учење, сојузник во наставата.

Хуманоиден робот е едно од можните средства во спектарот на асистивна технологија, кое придонесува за инклузивно образование, го поттикнува развојот на учениците на кои им е потребна дополнителна поддршка поради попреченоста, како и на сите други ученици.

Задачата на Воли е истовремено да го усоврши и подобри целокупното искуство во учењето и наставата. Но, роботот нема да учествува на часовите само во ресурсните центри, туку во сите училишта во групна работа со ученици, меѓу кои има и такви кои, поради развојните специфики, учат според адаптиран или модифициран индивидуален образовен план.

Министерството за образование појасни за „Политика“ дека хуманоидните роботи се добиени од пари од проектот „Подобрен еднаков пристап и завршување на предуниверзитетското образование за деца на кои им е потребна дополнителна образовна поддршка – Да учиме заедно“, донаторски средства на Фондацијата Интеза на филантропската организација и средства на УНИЦЕФ.

– Во соработка со партнерите, беа обезбедени 11 хуманоидни роботи за ресурсни центри за поддршка на ученици со развојни попречености и попречености (развојни, моторни, говорни и емоционално-социјални попречености), за да можат полесно да ги совладаат социјалните вештини за комуникација и во секојдневните активности. Тоа е поддршка за учениците, но и за наставниците во нивната работа, како што видовме во практичната примена за време на студиската посета во Болоња во Италија и препознавме дека треба да побараме поддршка од донатори за да обезбедиме софтвер на српски јазик, обука за наставниците и самите роботи. Очекуваме дека наставниците ќе го препознаат ова важно средство за работа и за намалување на комуникациските бариери, бидејќи Воли го привлекува вниманието на децата кои имаат намалени социјални контакти – изјавиле од Министерството за образование на Србија.

Стеван Несторов, раководител на ресурсниот центар „Радивој Поповиќ“ во Земун нагласува дека хуманоидните роботи нема да ги заменат наставниците или експертите.

– Роботот поддржува инклузивно образование. Не е таму за да го замени наставникот, ниту може, но како една од алатките може да ни помогне да го подобриме инклузивното образование. Роботот ќе биде еден вид асистент на наставникот. Впрочем, тоа значи асистивна или помагачка технологија, која го поттикнува детето да стекне социјални вештини важни за социјалниот, емоционалниот, когнитивниот развој, континуираното образование и животот. Идејата е да се користи Воли што е можно повеќе во групни активности, не само за деца со развојни попречености, туку за сите деца, бидејќи образованието е инклузивно кога сите се вклучени во процесот – нагласува Несторов.

Тој вели дека хуманоидниот робот ќе помогне во посредувањето во односите и во подобрувањето на комуникацијата меѓу децата, дека Воли може да зборува, но само она што експертот, односно наставникот, му го кажува преку платформата, и дека додека зборува роботот може да изведува 25 движења кои невербално привлекуваат внимание. При примената на оваа асистивна технологија, истакнува Несторов, искуството на ресурсните центри е клучно, со чија помош ќе почне употребата на роботи во редовните училишта.

– Експертите кои работат во ресурсните центри ќе одат во училиштата, ќе дизајнираат активности со употреба на роботи кои треба да им помогнат на децата да учат преку игра, а преку задачи базирани на забавна содржина, ќе им понудат некои успешни форми на комуникација кои влијаат на однесувањето на децата, го привлекуваат нивното внимание и ги поттикнуваат социјалните вештини, особено кај децата со нарушувања од аутистичниот спектар – истакнува Несторов.

Во редовните училишта во Србија има 20.596 ученици со попреченост.

Поврзани содржини