ОБВИНИТЕЛИТЕ ВЛЕГОА ВО АНБ, ЌЕ БАРААТ ДОКАЗИ ЗА НЕЗАКОНСКО СЛЕДЕЊЕ Увидот ќе потрае, Обвинителството бара трпение

Во рамките на предистражната постапка денеска тим од истражители од ОЈО ГОКК беа примени во Агенцијата за национална безбедност, каде што беше договорена динамиката за спроведување на увидот во документацијата со која располага АНБ, а која се однесува на наводите содржани во известувањата доставени до ОЈО ГОКК, соопшти Обвинителството.

229

Заради зголемениот интерес на јавноста во врска со можните злоупотреби на овластувањата на припадници на безбедносните служби и незаконско следење на комуникациите, ОЈО ГОКК ја известува јавноста дека постапува согласно своите законски надлежности и уставно загарантираниот принцип на законитост и еднаквост пред законот, соопшти Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција.

„Во рамките на предистражната постапка денеска тим од истражители од ОЈО ГОКК беа примени во Агенцијата за национална безбедност, каде што беше договорена динамиката за спроведување на увидот во документацијата со која располага АНБ, а која се однесува на наводите содржани во известувањата доставени до ОЈО ГОКК. Во рамките на денешниот работен ден двете институции демонстрираа коректен и професионален однос во насока на ефикасно спроведување на законските надлежности и заштитата на јавниот интерес. Со оглед дека станува збор за обемна и сензитивна документација врз основа на која треба да се обезбедат релевантни докази, како и фактот дека истата има степен на доверливост, увидот ќе трае во наредниот период, а ќе се преземаат и други предистражни дејствија“, се вели во соопштението.






ОЈО ГОКК, се додава, постапува исклучиво врз основа на докази, во рамките на законските процедури и со целосно почитување на правата на сите засегнати страни.

„Притоа, во интерес на постапката, а имајќи ја предвид тајноста на предистражната постапка, апелираме до медиумите и до јавноста да се воздржат од прерано изнесување на заклучоци додека трае постапката и не се утврдат фактите. ОЈО ГОКК навремено ќе ја информира јавноста за текот на постапката тогаш кога споделените информации нема да ја загрозат тајноста на предистражните дејствија“, соопшти Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција.

Деновиве македонската јавност ја тресе нов скандал со злоупотреби на ресурсите на АНБ, дека премиерот Христијан Мицкоски бил следен додека беше лидер на опозицијата, како и неколку новинари и најмалку еден јавен обвинител. Мицкоски и други функционери од ВМРО-ДПМНЕ, како и директорот на АНБ, Бојан Христовски, деновиве го повикаа Обвинителството да го расчисти случајот.

Поврзани содржини