НИКОЛОСКИ ПОТСЕТИ ДЕКА АЛАРМИРАЛ ОТИ АГЕНЦИЈАТА ЗА РАЗУЗНАВАЊЕ СОЗДАВАЛА ЛАЖНИ ИЗВЕШТАИ Извештаите биле правени за дискредитација на раководството на ВМРО-ДПМНЕ

Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски вели дека по влезот на земјата во НАТО биле креирани лажни извештаи за членови на ВМРО-ДПМНЕ со кои биле дискредитирани во странски земји.

333

Антидемократски структури сѐ уште се борат против демократска Македонија, сѐ уште сакаат да владеат со Македонија. Ова е четврти пат како се злоупотребува Тајната служба и секогаш тоа е против ВМРО-ДПМНЕ. Време е за одговорност, време е обвинителите и судиите да го положат испитот и да донесат разрешници бидејќи граѓаните тоа го очекуваат, истакна потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски.

Тој додава дека по влезот на земјата во НАТО биле креирани лажни извештаи за членови на ВМРО-ДПМНЕ со кои биле дискредитирани во странски земји.






– Ова за жал е пракса која се повторува од независноста на Македонија. До сега можам да се сетам на три претходни случаи кога се злоупотребувала Тајната служба. Дали тоа било во деведесеттите години, дали беше аферата „Големото уво“ или беа прислушкуваните разговори и еве за жал, четврти пат се злоупотребува и секогаш жртва е ВМРО-ДПМНЕ. Тоа јасно говори дека антидемократските елементи во општеството се борат против демократско ВМРО-ДПМНЕ затоа што не сакаат демократија во Македонија и не сакаат демократските структури да надвладеат во Македонија. Тие сакаат структурите на поранешниот комунистички режим на поранешна Југославија да продолжат да владеат со Македонија. Ние се спротивставуваме на тоа и затоа ова се случува. Работата е многу поголема отколку што изгледа и има многу подлабока позадина – рече Николоски.

Тој потсети дека алармирал додека биле во опозиција, дека лидерот на ВМРО ДПМНЕ е следен, дека видни членови на партијата се следени, вклучувајќи го и него, дека новинари и бизнисмени се следени.

– Алармиравме и за една друга работа, а тоа е дека Агенцијата за разузнавање создавала лажни извештаи особено после членството на Македонија во НАТО со кои се оцрнуваа луѓе со провакво или проонакво влијание коешто е различно од прозападното влијание. Тоа беа извештаи кои беа создавани со цел да биде дискредитирано раководството на ВМРО-ДПМНЕ. За среќа, ниту едната ниту другата операција успеа. Промените се случија на минатогодишните парламентарни избори, сега е време за одговорност. Сега работата е во рацете на правосудните органи, досега многу често паѓаа на испитот, се надевам дека овој пат ќе го положат – додаде Николоски.

Тој нагласи дека јавноста и граѓаните очекуваат разрешници и одговори, кои можат да се дадат само низ правосудните органи.

– Обвинителите и судиите да го кажат последниот збор, затоа што така е во една демократска држава. Јас се надевам дека тие ќе го направат тоа. Во спротивно и тие можат да станат жртви. Еве гледате има шпекулации дека поранешен јавен обвинител била жртва на следење, така што или да ги постават демократските механизми во Македонија или самите ќе станат жртва – истакна потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ Александар Николоски.

 

Поврзани содржини