ЗА 10 ДЕНАРИ ПОСКАПЕА ЦИГАРИТЕ ОД НЕКОИ БРЕНДОВИ Трговците очекуваат нови цени и за останатите брендови

Секоја компанија производител на цигари одлучува кога и дали ќе ги зголеми цените, што зависи од тоа дали и колку може да ги издржи повисоките трошоци.

409

Цигарите Родео, Вест, Жаде, Давидоф… на „Империјал тобако“ од вчера се поскапи за 10 денари. Трговците очекуваат поскапување и на цигарите од другите производители и увозници.

Поскапувањето го потврдуваат од „Империјал тобако“ и појаснуваат дека како и лани и годинава поскапувањето  го прават наесен поради зголемените трошоци  поради повисоката акциза.






– Секоја компанија производител на цигари одлучува кога и дали ќе ги зголеми цените, што зависи од тоа дали и колку може да ги издржи повисоките трошоци – велат оттаму.

Во змејава цените на цигарите се утврдуваат според Законот за акцизи кој предвидува македонската стапка на акцизи да се усогласи со европската минимална стапка на акциза.

Со последните измени на овој закон направени во 2023 година од 1 јануари 2024 година стапката на акциза за цигари се менува еднаш годишно на 1 јануари и тоа за 0,23% по парче.

Овој систем на зголемување на стапката на акцизата за 0,23%  е предвидено да се применува до 1 јануари 2030 година.

Според ова правило, акцизата за пурите  од јануари годинава е зголемена за 2,00 денари по парче, а такво зголемување ќе има и во наредните години.

Стапката на акциза на цигарилоси годинава се зголеми 1,00 денар по парче на 1 јануари секоја година.

Износот на специфичната акциза за тутун за пушење како фино сецкан тутун, тутун за пушење како друг тутун за пушење, тутун за водено луле (тутун за наргиле), тутун за шмркање и тутун за џвакање се зголемува за 150 денари по килограм нето тежина на 1 јануари секоја година.

Заклучно со 1 јануари 2030 година износот на специфичната акциза на несогорливиот тутунски производ  се зголемува за 350,00 денари по килограм нето тежина на тутунска смеса на 1 јануари секоја година.

Заклучно со 1 јануари 2030 година износот на акциза на течноста наменета за полнење електронска цигара се зголеми за 0,20 денари по милилитар волумен на 1 јануари секоја година.

Според ова актуелните износи на акцизите за тутунските производи изнесуваат:

  • акцизата на цигари изнесува 3,713 денари по парче и 9% од малопродажната цена по кутија,
  • акцизата на пури изнесува 27,37 денари по парче и 9% од малопродажната цена,
  • акцизата на цигарилоси изнесува 13,00 денари по парче и 9% од малопродажната цена,
  • акцизата на тутун за пушење како фино сецкан тутун  изнесува 2.600 денари по килограм нето – тежина и 0% од малопродажната цена,
  • акцизата на тутун за пушење како друг тутун за пушење за водено луле (тутун за наргиле) изнесува 2.600 денари по килограм нето – тежина и 0% од малопродажната цена,
  • акцизата на тутун за шмркање и тутун за џвакање изнесува 2.600 денари по килограм нето – тежина и 0% од малопродажната цена,
  • акцизата на несогорлив тутунски производ изнесува 4.700 денари по килограм нето – тежина на тутунска смеса и 0% од малопродажната цена и
  • акцизата на течност наменета за полнење електронска цигара изнесува 3,40 денари за милилитар волумен.

Со измените на законот за акциза од 2023 година е оневозможено увозниците и дистрибутерите да трупаат резерви од тутунски производи и тоа да го користат за манипулации на пазарот. При промена на акцизата, законот им  наложува да направат попис на затечените резерви во и надвор од складовите. Записник за тоа доставува до Царинската управа. Производителот и увозникот ја пресметуваат разликата од старата до новата акциза на затечените резерви кај себе и кај дистрибутерот и доставуваат барање за доплата на акциза до Царинската управа за што добиваат решение од Царина да доплатат во рок од 30 дена.

Поврзани содржини