ПРИТВОРЕНИКОТ КОЈ ПОЧИНА ВО ШУТКА ИМАЛ РАК, СУДОТ НЕ ЗНАЕЛ Роднините обвинуваат дека не добивал соодветна нега
Од Судот појаснуваат дека определената мерка притвор можела да се промени по предлог на странките, а бранителот на обвинетиот таков предлог поднел на 29 август.
Притвореникот Мирсад Пушка кој на 30 август почина во истражниот затвор „Скопје“ во Шуто Оризари, боледувал од рак а имал доживеано и мозочен удар. Тој е еден од 36 обвинети во предметот „Синдром“ кој се однесува на поткуп и други злоупотреби во постапките за издавање инвалидски пензии и туѓа нега.
Пушка е еден од деветмината кои на почетокот на истрагата во април годинава добиле затворски притвор.
Негови роднини обвинуваат дека тој не добивал соодветна здравствена нега во затворот во Шутка, каде што бил пет месеци.
Роднините бараат правда
Неговиот роднина, адвокатот Асмир Алиспахиќ на социјалната мрежа Фејсбук го објави идентитетот на починатиот и неговите дијагнози.
„Човекот кој имаше дијагноза тумор (рак), беше корисник на инвалидска пензија, со мозочен удар, кој немаше соодветна здравствена грижа и последните 5 месеци додека беше таму полека но сигурно умираше и страдаше во болки.
За сето тоа никој не обврнуваше внимание иако колегата адвокат Горан Василевски правеше и направи се што требаше да укаже дека таков човек мора да биде хоспитализиран на клиника, но за жал никој не го сфаќаше сериозно“, напиша Алиспахиќ.
Тој побара одговорност за случајот и ги повика институциите да го истражат овој трагичен настан.
Му се слошило, лекарите рекле дека мора итно во болница
Директорот на КПУ Затвор „Скопје“ Бобан Утковски за ТВ Телма изјави дека на починатиот притвореник му се слошило, по што била повикана Брза помош, која констатирала дека тој итно треба да се однесе во болница.
Во меѓувреме тој почнал да губи свест, а не помогнале ниту обидите за реанимација.
Од Кривичниот суд соопштија дека биле информирани за различни дијагнози на обвинетиот, но не и дека боледува од канцер.
„При сослушување, ниту обвинетиот лично, ниту преку бранителот известиле дека боледува од рак. За време на издржувањето на мерката притвор, од страна на судот, тој редовно и навремено е спроведуван на сите потребни медицински прегледи“, велат од Судот.
Мерката притвор можела да се преиначи
Од Судот појаснуваат дека определената мерка притвор можела да се промени по предлог на странките, а бранителот на обвинетиот таков предлог поднел на 29 август.
За да може да се одлучи по истиот предлог, законот го задолжува судот претходно да добие мислење на надлежен јавен обвинител. Според судот, ова постапување било во таа фаза.
Судот изрази длабоко жалење за загубата на човечкиот живот.
На местото пристигнала екипа на Итната медицинска помош, а во 15:58 часот докторите ја констатирале неговата смрт.
Од првичните информации немало траги на насилство, а телото било предадено за понатамошна постапка.
ТРАГЕДИЈА ВО ЗАТВОРОТ „ШУТКА“ Притвореник почина пред очите на лекарите