ВО НАПАДИТЕ ВРЗ КИЕВ Е ОШТЕТЕН И ОБЈЕКТ НА ЕУ Фон дер Лајен најави санкции, зборувала со Зеленски и со Трамп
Шефицата на Европската комисија откри дека 2 ракети паднале на растојание од 50 метри од зградата на Делегацијата на ЕУ во рок од 20 секунди и дека никој од персоналот не е повреден. Таа најави дека ЕУ наскоро ќе излезе со нов, 19. пакет санкции за Москва.
Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, денеска соопшти за нови санкции против Русија по синоќешниот ракетен и напад со дронови врз Киев, во кој беше оштетено седиштето на Делегацијата на ЕУ во украинскиот главен град.
– Синоќешниот напад покажува дека Кремљ нема да запре пред ништо за да ја тероризира Украина, неселективно убивајќи цивили – мажи, жени и деца, па дури и гаѓајќи ја Европската Унија – рече Фон дер Лајен во соопштение за медиумите.
Таа додаде дека две ракети паднале на растојание од 50 метри од зградата на Делегацијата на ЕУ во рок од 20 секунди и дека никој од персоналот не е повреден.
Таа објави дека ЕУ ќе продолжи да врши максимален притисок врз Русија.
– Ова значи заострување на нашиот режим на санкции. Наскоро ќе излеземе со 19-тиот пакет строги санкции. Паралелно, напредуваме во работата на замрзнатите руски средства за да придонесеме за одбраната и обновата на Украина – рече Фон дер Лајен.
Шефицата на Европската комисија објави на социјалнатта мрежа Икс дека по нападот разговарала со украинскиот претседател Володимир Зеленски, а потоа и со американскиот претседател Доналд Трамп.
Шефицата на Европската комисија не откри што ѝ рекол Трамп, а сè уште се чека изјава од американскиот претседател.
„Путин мора да седне на преговарачка маса. Мораме да обезбедиме праведен и траен мир за Украина со цврсти и веродостојни безбедносни гаранции кои ќе ја претворат земјата во челичен еж. Европа целосно ќе ја одигра својата улога. На пример, нашиот одбранбен инструмент SAFE ќе биде важен за зајакнување на храбрите украински вооружени сили“, напиша Фон Дер Лајен.
Според украински официјални лица, во нападот во Киев биле убиени најмалку 18 луѓе.