ДАЛИ ИМА САМО УШТЕ ЕДЕН ЧЕКОР ДО ЗАВРШУВАЊЕ НА ВОЈНАТА ВО УКРАИНА? Зеленски вели дека сè зависи од волјата на светските лидери
Оваа недела ќе има контакти со Турција, ќе има контакти со земјите од Заливот, со европските земји, што може да биде платформа за разговор со Русите - рече Зеленски во неговото редовно вечерно видео обраќање до Украинците.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски објави дека во текот на оваа недела претставниците на неговата земја ќе имаат повеќе меѓународни контакти, што би можело да биде чекор кон завршување на војната со Русија, и дека од украинска страна „сè ќе биде максимално подготвено за завршување на војната“.
– Оваа недела ќе има контакти со Турција, ќе има контакти со земјите од Заливот, со европските земји, што може да биде платформа за разговор со Русите – рече Зеленски во неговото редовно вечерно видео обраќање до Украинците, пренесе Укринформ.
Тој рече дека е важно и земјите-партнери на Украина да го потврдат ова.
– И во иднина, сè ќе зависи исклучиво од волјата на светските лидери, првенствено на Соединетите Американски Држави, да извршат притисок врз Русија – нагласи Зеленски.
Според него, потребни се нови чекори и нов притисок преку санкции и царини за да се принуди Русија да ја заврши војната.
– Тукушто одржав состанок со дипломатскиот тим – Министерството за надворешни работи, Канцеларијата, сите. Подготвуваме нови контакти со лидерите на земјите-партнери. Очекуваме дека ќе бидат многу активни во наредните недели – додаде Зеленски.