24 ГОДИНИ ОД ФОРМИРАЊЕТО НА ЕДИНИЦАТА ЗА БРЗО РАСПОРЕДУВАЊЕ Во време на сериозни регионални и глобални предизвици, улогата на ЕБР е клучна

Единицата за брзо распоредување низ годините се изгради како современа, добро обучена и доверлива формација.

85

Дваесет и четири годишнината од формирањето на Единицата за брзо распоредување, беше одбележана вечерва на градскиот плоштад во Кавадарци. На плоштадот и во општинската зграда беше изведена и тактичко – показна вежба.

Како што истакна министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, во присуство на премиерот Христијан Мицкоски, министри, дипломати, многубројни гости и граѓани, овој ден е посветен на сите припадници на ЕБР, на оние што и денес се во служба, на оние што низ годините со чест ја носеле униформата, на семејствата кои секогаш стојат зад нив, но и на нашите херои што го положија својот живот во извршување на службената должност.






– Одбележуваме 24 години од формирање на ЕБР, години исполнети со професионализам, пожртвуваност и верност кон државата и граѓаните. Во тие години, дел од нашите припадници ја платија највисоката цена, го дадоа својот живот за Македонија. Нивната жртва е втемелена во историјата на ЕБР и останува трајна обврска за сите нас да продолжиме по патот што тие го трасираа –  нагласи министерот.

Тој додаде дека единицата за брзо распоредување низ годините се изгради како современа, добро обучена и доверлива формација.

– Нејзините припадници постојано ги усовршуваат своите способности и знаења, следејќи ги највисоките полициски стандарди и прилагодувајќи се на новите безбедносни предизвици. Тоа што ја прави ЕБР посебна е фактот дека секој нејзин припадник е подготвен да преземе одговорност и да дејствува во најтешките и најризичните ситуации, каде одлуките мора да се донесат за секунди. Во изминатите две и пол децении, ЕБР се втемели како симбол на сигурност и брза реакција, вистински штит на државата и граѓаните – подвлече Тошковски.

И тоа е очигледен факт, рече,  што не прави горди сите нас.

– А особено најблиските на нашите поранешни и сегашни колеги што гордо ги носеле и ги носат униформите на Единицата за брзо распоредување. Во изминатава година со многу работа и посветеност успеавме да го стабилизираме системот, да го вратиме редот и да го раздвижиме механизмот кој со години беше закочен.  Ова беше година на консолидација, но и покрај тоа постигнавме резултати какви што не беа постигнати години наназад. Тоа е доказ дека кога има волја и посветеност, резултатите доаѓаат – посочи министерот.

Тој рече дека разбиени се опасни криминални групи, расветлени се стотици кривични дела, запленета е дрога која ќе завршеше кај нашите млади, спречени се илјадници обиди за нелегален влез во државата, поднесени се десетици пријави за корупција.

Притоа истакна дека дојде време да покажеме дека државата е посилна од било кој криминалец, било која мрежа, било која коруптивна структура, дојде време да си ја вратиме довербата во институциите.

– А токму во остварувањето на овие цели со гордост можам да кажам дека припадниците на Единицата за брзо распоредување имаа и имаат незаменлива улога. Вие сте тие што сте на првата линија, вие сте тие што секојдневно ја носите тежината на униформата, а со неа и одговорноста да се застане во одбрана на животот, на мирот и на безбедноста на граѓаните. Вашата работа е тивка, но вашите дела зборуваат гласно. И токму затоа, еден од нашите приоритети ќе биде да ја негуваме, унапредуваме и опремуваме Единицата за брзо распоредување, бидејќи Македонија има потреба од силна полиција што секогаш е подготвена да се исправи пред предизвиците. Ние сме должни да ви обезбедиме најдобри услови, современа опрема и обуки, затоа што вие тоа го заслужувате – подвлече Тошковски.

Нашата определба, рече,  е да изградиме систем каде нема да има страв, каде законите ќе важат еднакво за сите и каде државата ќе биде сојузник на граѓаните, а не на криминалците. Ова е борба, додаде,  за иднината на нашата земја, борба за подобра и посигурна држава за сите нас.

– Сега имаме министерство што делува одговорно и полиција што е блиску и работи во интерес на народот. Впрочем и денешново наше присуство, односно чествување на денот на Единицата за брзо распоредување овде во Кавадарци е реален показател за нашата одлучност да бидеме што поблиску до сите наши сограѓани, во сите места низ државата. А кавадарчани покажале дека знаат да ги ценат напорите на македонската полиција, профилирајќи се како нејзини вистински партнери, кои континуирано тежнеат кон зголемување на безбедноста во заедницата и јакнење на меѓусебната доверба – Тошковски.

Во тој контекст, додаде тој, развојот и иднината на Единицата за брзо распоредување треба да ги гледаме како дел од севкупниот напредок на полицискиот систем. Особено денес, во време на сериозни регионални и глобални предизвици, улогата на ЕБР е клучна. Со својата специјалност и надлежности, таа отсекогаш била и ќе биде во првите редови на борбата против секаков вид на закани по безбедноста на државата.

– Затоа, без ни грам сомнеж, за Министерството за внатрешни работи унапредувањето и опремувањето на ЕБР е меѓу врвните приоритети – посочи министерот.

На свеченоста беа доделени плакети, благодарници и пофалници

Поврзани содржини