ДВЕ МАЛОЛЕТНИ ДЕВОЈЧИЊА ЗАГИНАА ВО КИЧЕВО Трагедија кај Колибари, училиштето „Дрита“ во жалост
Трагедијата кај Колибари го зави Кичево во црно, целиот град е во жалост за младите животи кои прерано згаснаа.
Голема трагедија го потресе Кичево – две малолетни девојчиња, на возраст од 15 и 16 години, го загубија животот во сообраќајна несреќа што се случи во близина на селото Колибари.
Според информациите на полицијата, вчера околу 18:05 часот, 15-годишна малолетничка од Колибари управувала четирицикл со кичевски регистарски ознаки, изгубила контрола врз возилото и излетала од коловозот. Од здобиените повреди на местото на несреќата починале и таа и нејзината сопатничка, 16-годишно девојче од селото Грешница. Лекар констатирал смрт кај двете девојчиња, а по наредба на јавен обвинител телата биле предадени на обдукција.
„Со длабоко жалење информираме дека вчера на локален пат кај селото Колибари се случи тешка сообраќајна несреќа со четирицикл, во која животот го загубија две малолетни лица. Се преземаат сите мерки за целосно расчистување на настанот“, информираат од полицијата
Несреќата остави огромна празнина во кичевската јавност, особено во средното училиште „Дрита“, каде што двете девојчиња учеле. Управата и наставниците на училиштето упатија порака со сочувство, пренесува Лајм.
„Со длабока тага и потресени срца ја примивме веста за трагичната загуба на нашите ученички Ериона Рамадани и Албина Абази. Нивната загуба остави незаменлива празнина во нашите срца и во срцата на нивните соученици“, се наведува во соопштението на училиштето.
Учениците на „Дрита“ преку социјалните мрежи споделуваат пораки со тага и солидарност кон семејствата, кои го поминуваат најтешкиот момент – загубата на своите деца.