ЕУ и (не)слобода на мислења
Прашањето за поддршката за Украина е само едно од прашањата околу кое се разидуваат западните и источните ЕУ-членки. Амбицијата е влијанието на Западот да се прошири на сите нации, меѓу другото и преку постојано потиснување на различните мислења во рамките на ЕУ.
Доколку во летните месеци ги посетите полските градови, на пример пристаништето Гдањск ‒ покрај прекрасната архитектура и спомениците од богатото културно-историско наследство, уникатната атмосфера со бројните ресторани, барови и продажни штандови долж централните улице ‒ паѓа во очи дека меѓу реките луѓе ретко ќе забележите некого кој со својот изглед и облека отклонува и стрчи меѓу домашното население, речиси хомогена популација, како и меѓу бројните туристи од соседните земји.
Само на неколку стотици километри оддалеченост, од другата страна на Балтичкото Море, во поголемите градови во Шведска и Данска, или во соседна Германија, контрастот е голем.
Секојдневниот мултикултурен социјален амбиент во Малме, или во Копенхаген, го сочинуваат и традиционалните носии и стилови на облекување од блискоисточните, африканските и азиските земји, широк колорит од разни видови шамии и покривки, никаби и бурки, машки туники и традиционални муслимански капи.
Кризата со напливот на мигрантски бранови, која кулминираше пред една деценија, ја зајакна таквата разноликост, но и анимозитетот меѓу екстремно десничарските партии, кои во последните години, во услови кога западноевропските развиени економии се соочуваат со пад на наталитетот и сè поголем недостиг од работна сила, упорно тврдат дека главниот проблем се токму мигрантите и предизвиците поврзани со нивното интегрирање.
Реалноста е поинаква, бидејќи големото мнозинство мигранти работи, самостојно се издржуваат и значајно придонесуваат како даночни обврзници во буџетските каси.
Разликите во сфаќањата и ставовите меѓу источните и западните членки на ЕУ се зголемуваат во однос на повеќе прашања, при што меѓу поранешните комунистички источноевропски земји често се манифестираат спротивставени гледишта, вклучувајќи го токму и прашањето на прифаќање мигранти и бегалци. Тоа во Западна Европа наидува на критики и закани со политички санкции, поради одбивањето да се прифатат заедничките обврски и вредности за кои се смета дека се вградени во темелите на евроинтеграциите.
Критиките од Брисел не се секогаш добредојдени, и често се сфаќаат како обид за ограничување на слободата на мислење и на заштитата на сопствените национални интереси. „Ако некој сака да води политика каде што само едно гледиште е дозволено, тогаш тоа е крајот на демократијата во Европа“, вели словачкиот премиер Фицо, кој предизвика силни реакции така што двапати беше во посета на рускиот претседател Путин во последната половина година.
Прашањето за поддршката за Украина е само едно од прашањата околу кое се разидуваат западните и источните ЕУ-членки. Амбицијата е влијанието на Западот да се прошири на сите нации, меѓу другото и преку постојано потиснување на различните мислења во рамките на ЕУ.
Источноевропските земји се мошне чувствителни на ова со оглед на нивната историја, „кога беа принудувани да размислуваат и чувствуваат на ист начин, за време на комунистичката ера“, вели финската професорка по политички науки, Мари-Луиз фон Бергман-Винберг, која има докторат за разликите поврзани со обединувањето на Источна и Западна Германија. Во земји како Полска, смета таа, до израз доаѓаат сфаќања дека Западот се движи во погрешна насока и затоа меѓу Полјаците не е сосема невообичаено гледиште дека Западот станал декадентен.
Прашањето на имиграцијата е важно во тој контекст. Источноевропските земји се се уште посиромашни од западните, поради што одбиваат да бидат принудени да прифаќаат сиромашни луѓе од култури далеку од Источна Европа, кои тешко се интегрираат во традиционалните општества.
Едно од мислењата, за кое се залага и полската партија Право и правда, е дека ЕУ нема да може да наметне зголемена миграција на земји како Полска. Решението што го предлагаат е дека единственото нешто што би можело да се договори во рамките на ЕУ е наместо самите да примаат мигранти, земјите кои го одбиваат тоа да им плаќаат надомест на членките што избираат да прифатат бегалци.
Постои уште една причина зошто земји како Полска можат да си дозволат да кажат не и да покажат национална сила. Полското економското закрепнување се одвива многу побрзо отколку во остатокот од Европа. Полска има највисока стапка на раст во ЕУ, а исто така и мошне ниска невработеност. Но, за волја на вистината, придонесот на ЕУ за таквиот развој е исклучително голем. Со предлогот за нов седумгодишен буџет на Унијата, Полска би добила убедливо најмногу средства од фондовите за земјоделски и регионален развој, над 123 милијарди евра, околу 30 милијарди евра повеќе од Франција, која е втора на табелата.
Растот на продуктивноста во Полска е највисок во ЕУ, за разлика, на пример, од Шведска каде е под еден процент годишно. Доколку ги задржи сегашните стапки на раст, некои економисти веруваат дека Полска би можела да го достигне истото ниво на продуктивност како Шведска во рок од неколку децении. Тоа е можно, се разбира затоа што ЕУ прераспределува големи суми пари од богатите земји, што овозможува земјите како Полска да можат да се доближат до европскиот просек и да се изедначат во развојот.
Рекордно голем број ЕУ-граѓани, 74 проценти, гледаат придобивки и позитивни ефекти од членството во Унијата, покажа најновото испитување на Евробарометар од јануари-февруари 2025 година, иако разликите во ставовите кон членството значајно се разликуваат меѓу земјите членки.
Еден од главните ефекти, гледано во подолг временски период од неколку децении, е тоа што БДП по глава на жител на членките на ЕУ се приближи до европскиот просек, така што постепено се случува изедначување меѓу населението на најбогатите земји и жителите на најсиромашните земји во Унијата. Тринаесет од 16-те најсиромашни членки на ЕУ и осум од 11-те најбогати земји денес се поблиску до просекот на ЕУ отколку пред десетина години. Словенија се искачи на 91 процент од ЕУ-просекот.
ЕУ е несомнено спас за сиромашните во Европа. На Бугарија, најсиромашна ЕУ-членка, ѝ беа потребни речиси две децении, колку што е полноправна членка, за да ја подобри својата релативна куповна моќ по глава на жител за околу 20 отсто. Својот „европски пат“, сметајќи ги претходните десетина години на пристапните преговори, пред да стане членка во 2007 година, Бугарија го почна на ниво од само 30 отсто од европскиот просек. Оттогаш, повеќе од двојно го зголеми својот БДП биланс по глава на жител – на 64 проценти.
Македонија, во лигата на сиромашниот Југ е на дното, подобро пласирана само од Босна и Албанија, и е уште далеку и од нивото од 50 отсто од европскиот просек, каде што моментно се наоѓаат Црна Гора и Србија.
За да се прошири кон исток, ЕУ даде огромен придонес за да внесе повеќе нови земји во заедничкиот европски дом. Ова важи и за земјите кандидати, како, на пример, за Македонија, која доби автопат со четири ленти низ земјата, „нешто за што можеа само да сонуваат“, вели во едно интервју професорката Фон Бергман-Винберг. Македонците се задоволни со тоа, вели таа, но западните лидери сега веројатно очекуваат забрзување на реформите во земјата и поголемо приспособување кон доминантните, темелни вредности.
Тоа во Македонија очигледно и понатаму се одвива мошне тешко. Како и обично, два чекора напред, еден назад.