ПАСТА ЗА ЗАБИ НАПРАВЕНА ОД КОСА Што ги натера научниците да ја развијат оваа необична идеја?

Штом ќе се изгуби забната глеѓ, телото не може да ја обнови, а токму тоа е коренот на многу стоматолошки проблеми. Новата паста за заби изгледа нуди решение за тој проблем.

61

Пастата за заби, направена од влакна, може да ги поправи оштетените заби и да го сопре раниот стадиум на кариес, покажува ново истражување, објави Скај њуз.

Научници од Кралскиот колеџ во Лондон откриле дека кератинот – протеин што се наоѓа во косата, кожата и во волната и кој честопати се користи во шампони за регенерација – може да помогне и кај забите.






– Мислиме дека ова е голема промена, чекор што ќе ја придвижи индустријата кон воведување на кератинот како вистински производ во нашето секојдневие, за да ја заштити и да ја излечи забната глеѓ без ние воопшто да сфатиме. Ако имате микропукнатина или многу мала оштета, таа би се излекувала сама без вие да забележите – изјави д-р Шериф Елшаркави од Факултетот за стоматологија, орални и краниофацијални науки при Кралскиот колеџ.

Оштетената глеѓ е причина за многу стоматолошки проблеми

Многу стоматолошки проблеми произлегуваат од оштетена глеѓ, која не се регенерира, а штом еднаш се изгуби, засекогаш е изгубена.

Кога кератинот ќе се измеша со минералите од плунката, создава заштитен слој што ги имитира структурата и функцијата на природната глеѓ.

Во моментов се користат пасти со флуор и вода за пиење со флуор во САД за да се забави ерозијата на глеѓта, но третманите со кератин целосно ја запираат.

Кератинот нуди трансформативна алтернатива

– Кератинот нуди трансформативна алтернатива на постоечките стоматолошки третмани – вели докторантката на Кралскиот колеџ во Лондон и првата авторка на студијата, Сара Гамеа.

Третманот би можел да се спроведува преку дневна употреба на паста за заби или како професионално нанесуван гел, сличен на лак за нокти, во потешки случаи.

Според научниците, производот би можел да биде достапен за јавноста за 2-3 години, а се смета и за поеколошка алтернатива на традиционалната стоматолошка реставрација.

Засега се користи волна

Тест-производите, развиени на Кралскиот колеџ, биле направени од волна, но во иднина, д-р Елшаркави вели дека луѓето би можеле дури и да ја собираат сопствената коса за екстракција на кератин.

Засега, тимот од Кралскиот колеџ користи овча волна „бидејќи е во изобилство, претставува биолошки отпад, е одржлива и корисна за фармерите.“

Пастата ќе изгледа и ќе се чувствува како стандардна паста со флуор, со ментол вкус и со пенлива текстура, но ќе содржи доволно кератин за секојдневна употреба.

– Нашата цел е ова да биде достапно и да стигне до јавноста. Не мислиме дека ќе биде премиум производ, сакаме секој да може да го користи – вели д-р Елшаркави.

Поврзани содржини