ОД ЗАВИСНОСТ ДО БРАК СО ПОРНО ЅВЕЗДА Што се случуваше во животот на оригиналната Среда Адамс

Лиса Лоринг имала пет години кога била избрана за улога во филмот „Семејството Адамс“, во 1964 година. Нејзината подоцнежна кариера не успеала да ги достигне истите височини. Таа почина пред две години на 64 години од мозочен удар

255

Историјата не го бележи денот од неделата кога Чарлс Адамс присуствувал на забава во Њујорк организирана од близок пријател на поетесата и актерка Џоан Блејк. Знаеме дека било на почетокот на 1964 година и дека карикатуристот од „Њујоркер“ се мачел поради претстојната телевизиска адаптација на неговите популарни цртани филмови „Семејството Адамс“ – за морничаво семејство на отпадници кои живееле во морбидна изолација во морничава вила.

Големата главоболка била околу улогата на малото девојче на семејството – со бледо лице и заканувачка плетенка, но, до тој момент, безимена. Тој ја прашал Блејк како да ја нарече, а таа му предложила: Среда!






Намуртениот изглед ѝ ја донел улогата

Лиса Лоринг рекла дека нејзината намуртеност ѝ ја донела улогата на Среда Адамс.
Среда можеби беше полна со тага, но нејзиниот лик тивко стана еден од најтрајните во Холивуд – прославен, на нејзиниот вознемирувачки, непоколеблив начин, како и секој негативец од суперхерој или хорор филм. Првпат оживеан од проблематичната детска ѕвезда Лиса Лоринг во ТВ серијата од 1960-тите, Среда останува еден од најжешките брендови во популарната култура: во голема мера благодарение на нејзината реинвенција како пин-ап девојка од генерацијата Z во мега-хитот на Нетфликс, со Џена Ортега во главната улога.

Реинвенцијата на Среда

Секоја генерација обожаватели на „Семејството Адамс“ ја добива онаа Среда која ја заслужува: немирното девојче преку Лоринг, мрзоволната икона на Кристина Ричи од 90-тите, мрачно саркастична, но срамежлива интровертка на Ортега.

Џена Ортега како Среда Адамс

Среда Адамс неодамна доживеа реинвенција како саркастична, но срамежлива интровертка од генерацијата Z во хит-серијата на Нетфликс „Среда“, во која глуми Џена Ортега – Џонатан Хесион/Нетфликс
Но, улогата на Лоринг останува највпечатлива. Родена во 1958 година, таа имала само пет години во времето на нејзината аудиција. „Ја добив улогата поради мојата намуртеност“, рекла таа подоцна. Всушност, таа била избрана – наместо 13-годишната соперничка – поради нејзината сличност со Керолин Џонс, која ја играла нејзината мајка, Мортиша Адамс.

Среда на Лоринг беше пионер на видот морничави деца. Таа го играше ликот релативно директно како вртоглаво и ентузијастично дете – но сè друго беше изразито морничаво. Имаше две домашни миленичиња: црна вдовица пајак по име Хомер и гуштер, Луцифер. Нејзината омилена кукла беше без глава и го доби морбидниот прекар Марија Антоанета.

Уживала во времето поминато во серијата, еднаш опишувајќи ги своите колешки како „вистинско семејство. Не можеше да се избере подобра екипа и глумци. Керолин Џонс, Џон Астин – Мортиција и Гомез – тие беа како родители за мене“.

Меѓутоа, подалеку од екранот, животот на Лоринг бил исполнет со трагични подеми и падови – вклучувајќи зависност, тага и осудуваниот брак со порно ѕвезда.

Родена е како Лиса Ан ДеСинсес во 1958 година на Маршалските Острови, на половина пат помеѓу Хаваи и Австралија во Тихиот Океан, каде што нејзините родители служеле во американската морнарица. Исто како Ортега, која 60 години подоцна ќе го облече познатиот фустан со црна јака, мајката на Лоринг имала мексикански корени.

Родителите на Лоринг се развеле набргу по нејзиното раѓање и таа била одгледана од нејзината мајка на Хаваите, а подоцна и во Лос Анџелес. Шоу-бизнисот рано ѝ тропнал на вратата.

На тригодишна возраст таа работела како манекенка и ја добила својата прва актерска улога во „Д-р Килдер“ во 1964 година. Откако „Семејството Адамс“ било откажано, кога имала само шест години, Лоринг морала да почне одново. Таа добила мали улоги во „Девојката од U.N.C.L.E.“ (спин-оф од „Човекот од U.N.C.L.E.“) и „Остров на фантазијата“. Нејзината најголема улога по „Среда“ била во сапуницата „As the World Turns“, во која ја играла улогата на бунтовната тинејџерка Крикет Монтгомери.

Кога станала возрасна, тешко ѝ било да се прилагоди на пост-ѕвездениот живот, со помали улоги во слешер филмови како што е „Blood Frenzy“ што претставувало голем чекор надолу од „Семејството Адамс“. Борејќи се да ги плати сметките, таа работела како шминкерка и дизајнерка на ентериер – но злоупотребата на дроги ѝ фрлала постојана сенка.

Лиса Лоринг во 2022 година

Се свртела кон дрога и алкохол, пред да влезе на рехабилитација во 1990 година. Следната година го открила телото на нејзината пријателка Кели Ван Дајк (внука на актерот Дик), која извршила самоубиство. Лоринг, исто така, се обидела да си го одземе животот со предозирање.

Лоринг го следела трагичниот семеен пат. Нејзината мајка, Џудит Ан Калис, починала од алкохолизам во раните 1970-ти, кога нејзината ќерка имала само 14 години. Следната година, тинејџерката се омажила за својата љубов од детството, Фарел Фумберг. Тие имале ќерка, но набргу потоа се разделиле. Во 1981 година, имала втор брак, со сапунската ѕвезда Даг Стивенсон и добила уште една ќерка.
Нејзиниот трет брак бил со порно актерот Џери Батлер, кого го запознала додека работела како шминкерка на филмот за возрасни „Traci’s Big Trick“. Пред да се венчаат, Батлер ветил дека ќе се откаже од порно индустријата. Но, откако открила дека тој продолжува да работи во филмови за возрасни, таа се развела од него.

– Не би била во врска со некој што го прави тоа… тој ми работеше зад грб и ме лажеше – тоа беше тоа, рекла таа. Потоа се премажила, пред да умре од мозочен удар во 2023 година, на 64 години.

Семејна историја

И покрај нејзиниот долг задгробен живот, ликот на Среда се родил како втора мисла. Таа воопшто не се појавила во првиот цртан филм за семејството Адамс – илустрација на еден панел од „Њујоркер“ од 1946 година во која нејзините родители, Гомез и Мортиција, со слугата Лурч, стојат на покривот од нивната опседната куќа, подготвувајќи се да истурат врело масло врз оние што сакаат да се шетаат под неа.

Ја немало Среда, немало отсечена рака по име „Thing“, немало ќелав чичко Фестер. Тие ќе дојдат подоцна. Адамс првично дури и немал име за своето морбидно семејство – и сигурно не очекувал дека тие ќе станат негово животно дело.

Карикатуристот – роден во Вестфилд, Њу Џерси, во 1912 година – негодувал поради тоа како Холивуд ги направил прифатливи неговите ликови, но не се противел на чековите за авторски права, кои, заедно со неговата плата од „Њујоркер“, го финансирале неговиот раскошен животен стил, вклучувајќи двокатен стан во центарот на Менхетен, со маса за балсамирање од Граѓанската војна во трпезаријата. Тој бил поврзуван со Вероника Лејк и Жаклин Кенеди, со која наводно излегувал само неколку месеци по атентатот на нејзиниот сопруг.

Со децении, креацијата на Адамс одбива да умре. Оригиналните епизоди беа редовно повторно прикажувани на телевизија; беше обновена во различни прилики во текот на 1970-тите; а филмот од 1991 година, со Раул Џулија, Анџелика Хјустон и Ричи во главните улоги, освои цела нова генерација. Но без Лоринг, ликот на Среда можеби никогаш немаше да се прослави.

Поврзани содржини