ОТКРИЕНА ТАЈНА ВОЕНА БАЗА НА СЕВЕРНА КОРЕЈА Ким Јонг Ун го чува своето ново оружје таму?!
Вашингтонскиот тинк-тенк Центар за стратешки и меѓународни студии предупредува дека новото оружје на Северна Кореја претставува потенцијална нуклеарна закана за Источна Азија и за континенталниот дел на САД.
Северна Кореја изградила тајна воена база во близина на границата со Кина, во која можеби се сместени најновите севернокорејски проектили со долг дострел, според ново истражување, објави Гардијан.
Недекларираната база Синпунг-донг се наоѓа околу 27 километри од кинеската граница, соопшти вашингтонскиот тинк-тенк Центар за стратешки и меѓународни студии (CSIS) во извештај објавен во средата.
Објектот сместува 6 до 9 интерконтинентални балистички ракети
Објектот во провинцијата Северен Пјонган најверојатно сместува 6 до 9 интерконтинентални балистички ракети (ICBM) со нуклеарна способност и со нивни лансери, се вели во студијата.
Во извештајот се додава дека оружјето „претставува потенцијална нуклеарна закана за Источна Азија и за континенталниот дел на САД“.
Северна Кореја ја засили својот нуклеарна програма по неуспешниот самит со САД во 2019 година, а лидерот Ким Џонг Ун неодамна повика на брза експанзија на нуклеарниот капацитет на дипломатски изолираната земја.
Извештајот – кој CSIS го нарече првата детална, отворено достапна потврда за постоењето на Синпунг-донг – наведува дека базата е една од „15–20 бази за балистички ракети, објекти за одржување, поддршка, складирање на ракети и складирање на боеви глави што Северна Кореја никогаш не ги има декларирано“.
Се истакнува дека базата „не е позната како предмет на какви било преговори за денуклеаризација што претходно се воделе меѓу САД и Северна Кореја“.
Ако има криза, лансерите и ракетите се спремни за борба
CSIS, повикувајќи се на тековни проценки на своите аналитичари, наведува дека лансерите и ракетите би можеле да ја напуштат базата во време на криза или војна, да се приклучат на специјални единици и да изведат потешко откриени лансирања од други делови на земјата.
Базата, заедно со другите, „претставува примарна компонента на она што се смета дека е еволуирачката стратегија на Северна Кореја за балистички ракети, како и нејзиниот растечки стратешки нуклеарен одвраќачки и нападен капацитет“, стои во извештајот.
Северна Кореја не се откажува од своето оружје
Самитот на Ким со претседателот Доналд Трамп во Ханој, Виетнам, во 2019 година пропадна зашто двете страни не се согласија околу тоа што Пјонгјанг би отстапил во замена за укинување на санкциите.
Оттогаш, Северна Кореја постојано тврди дека никогаш нема да се откаже од своето оружје и се прогласи за „неповратна“ нуклеарна држава.
По руската инвазија врз Украина, Пјонгјанг се доближи уште повеќе до Москва.
Јужнокорејските и западните разузнавачки агенции соопштија дека Северна Кореја испратила повеќе од 10.000 војници во Русија во 2024 година, главно во регионот на Курск, заедно со артилериски гранати, ракети и со системи за далекударни ракети.
Трамп во последниве денови одржа високопрофилни разговори со руските и со украинските лидери во обид да го заврши конфликтот.
Вашингтон тврди дека има докази оти Русија ја засилува својата поддршка за Северна Кореја, вклучувајќи и помош за напредна вселенска и сателитска технологија, во замена за нејзината асистенција во војната во Украина.
Аналитичарите велат дека сателитските лансери и интерконтиненталните ракети делат многу од истата основна технологија.