САД НЕ ДАВААТ НИШТО ЗА ЏАБЕ Трамп планира грантовите за технолошките компании да ги замени со сопственички удели на државата во нив
Планот е државата да не се меша во управувањето на проватните компании.
Американскиот министер за трговија Хауард Лутник разгледува опција што би ѝ дала на државата сопственички удел во Интел и други компании кои произведуваат полупроводници, кои добија државна помош според Законот за чипови за да се поттикне изградбата на производствени капацитети во САД, соопштија два извори.
– Како дел од планот за оживување на американската индустрија, клучен дел од политиките на американскиот претседател Доналд Трамп, американската влада сака сопственички удел во Интел во замена за финансиска поддршка што ѝ ја доделила на компанијата администрацијата на поранешниот претседател Џо Бајден – изјави Лутник.
Според функционер на Белата куќа, министерот за трговија сега сака да го прошири тој план на други компании, а на Трамп му се допаѓа идејата.
Портпаролката на Белата куќа, Каролин Ливит, претходно потврди дека Лутник работи на постигнување договор со Интел за стекнување на 10% од акциите во таа компанија.
– Претседателот сака да ги стави потребите на Америка на прво место, како во однос на националната безбедност, така и во однос на економијата, и ова е креативна, невидена идеја – изјави Ливит за новинарите.
Лутник, од друга страна, за CNBC изјави дека САД сакаат поврат на својата „инвестиција“, посочувајќи дека државата за возврат ќе добие сопственички удел во компаниите, наместо само да „дели субвенции“.
– Администрацијата на Бајден буквално даваше бесплатни пари на Интел, даваше бесплатни пари на TSMC, даваше бесплатни пари на разни компании, а Доналд Трамп го сврти тоа, велејќи: „За тие пари, сакаме удел во акциите. Ако ќе ви дадеме пари, сакаме да им дадеме на американските даночни обврзници дел од колачот“ – рече Лутник.
Според коментарите на Лутник, сопственичките удели во компаниите нема да ѝ дадат на американската влада право на глас во одборот на директори, што значи дека владата нема да може да им каже на компаниите како да го водат својот бизнис.
Вкупно 52,7 милијарди долари се наменети за грантови според законот за чипови.
Администрацијата на Трамп неодамна објави и неколку необични договори со американски компании, вклучително и договор со производителот на чипови „Нвидија“ што ѝ овозможува на компанијата да ги извезува своите чипови за вештачка интелигенција H20 во Кина, при што компанијата ќе му плаќа на Министерството за финансии на САД 15 проценти од тие трансакции за возврат.
Пентагон треба да стане најголем акционер на мала рударска компанија со цел да се поттикне производството на магнети од ретки земни минерали.
Државните интервенции во деловните прашања на приватните компании предизвикаа бран загриженост, а противниците на таа политика веруваат дека потезите на американскиот претседател создаваат нови категории на корпоративни ризици и дека лошите деловни проценки би можеле да значат губење на средствата на даночните обврзници.